Во Паљурци заврши кампот за млади

Од 18-20 септември 2015 година во Паљурци се одржа Камп за млади, на кој учествуваа на 50 млади од Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија.

Кампот започна во петок 18 септември со меѓусебно запознавање на учесниците и предавање на тема „Јас и моето семејство“ предводено од о. Ѓорги Појразов и о. Трајче Ташев. Потоа следуваше дружење и забава на младите во кампот.

Вториот ден од кампот, сабота 19 септември 2015 година започна со света Литургија, која ја предводеше о. Спасо Ристов, кој воедно одржа и проповед врз основа на евангелието. Во претпладневите часови се одржа и интерактивна работилница за Третата Божја заповед, која ја предводеше о. Гоце Костов. Во првиот дел имаше четири работилици на кои стана збор за еврејската сабота и христијанската недела, врз основа на Светото Писмо, традицијата на Црквата и катехизмот на Католичката црква; работилница за параболата за свадбата на царевиот син, нашиот однос со Бог, како и празниците на Црквата, нивната поделба, славење и значење. Во вториот дел од работилницата се дискутираше за работата во неделата и како го користиме времето кое го поседуваме. Исто така беше спроведена и анкета поврзана за посетата на Светата Литургија.

Попладневиот дел предавањето го предводеше о. Ѓорги Динов, кој зборуваше за Четвртата Божја заповед, а на крајот учесниците беа поделени во групи, кои работеа на прашања поврзани со темата. Остатокот од денот младите го поминаа во молитва, дружење и забава.

Летниот камп заврши во недела 20 септември со света Литургија која ја предводеше о. Димитар Ташев, завршните импресии и Молебенот во чест на Богородица Утешителка, кој го предводеше о. Зоран Стојанов во заедништво со свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија.

Летниот камп во Паљурци се одржа со благослов на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, Католичката црква во Македонија во соработка со општина Богданци организира камп за млади во Паљурци.

к.мк/го*ко

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот