Во Нова Маала се моли за семејствата

Во парохијата “Успение на Пресвета Богородица” по повод Година на семејството пред секоја празнична и неделна света Литургија покрај официјалната молитва за семејството се моли и дополнителна молитва, која е составена според потребите на верниците и истата е многу сакана и прифатена.

На 01.02.2014 во сабота се молеше молебен до Мајка Божја, упатувајќи ги нашите молитви кон нашата небесна Мајка за нашите потреби. Така преку овој месец посебно ќе молиме за здравје на нашите родители, тие да дават добар совет на своите деца и за многу други накани. Замислата е барем два пати месечно да се собираме и на посебен начин да му благодариме на Бога за сите дарови што тој ни ги дава преку родителите и децата.

Молитва за семејството

Господи Исусе Христе, Ти благодарам за секој член од нашето семејство.

Верувам дека секој од нив е Твој посебен дар и позив да настојувам да ги усреќам.

Своите сакани деца ми ги подари мене да ми бидат мои деца, мои домашни.

Прости ми што толку пати не сум постапувал/а со нив како со Твои деца.

Прости ни ги гревовите на секој од нас што сме ги направиле едни против други и против Тебе.

Господи, Ти ги предавам сите семејни проблеми, и Те молам да ни подариш мудрост и сила  да  исправиме сѐ што е себично, што не е со љубов, што е криво и неисправно во нашето семејство, сѐ што не е според Твојата волја и што ја пустошат нашата семејна љубов и среќа.

(Тука се додават посебните накани кои одговарат на семејните ситуации)

–          Телесна или духовна разделеност во семејството

–          Недостаток на љубов и разбирање

–          Неплодност или спонтан абортус

–          Тврдоглавост или непослушност на децата

–          Кога децата неможат да си најдат брачен другар

–        Лоша навика на некој од членовите на семејството (алкохол, дрога, пушење, измама…)

–          Невработеност или сиромаштија

–          Брачна прељуба, опасност од развод, уништен брак

–          Безбожност и недостаток на молитва и живот според верата

–          Недостаток на здрава почит и меѓусебна неодговорност

–          Лоши меѓусоседски односи

–          Непочитување на законот и секоја друга закана)

Дојди, Господи Исусе, дојди во мојот живот, влези во проблемите на моето семејство. Чувај го секој член од моето семјство со своите ангели, заштити нѐ од напаста на секое зло, чувај нѐ од секаква опасност и страдање. Испрати го Својот Дух во изобилие, секој член на семејството да биде обновен во Твоја слика. Мирот на Светиот Дух да го исполни нашиот дом и да остане со нас сега и во иднина. Господи им верувам на твоите зборови: Поверувај во Господа Исуса Христа, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом. Амин. (Дела 16,31).

о.С.Р.

Категорија: Македонија

За авторот