Воскресно бдение во Скопје
На 19 април 2014 година во скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“, Мисата со Воскресно бдение ја предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монсињор д-р Киро Стојанов во сослужение на генералниот викар монсињор Антун Циримотиќ и скопскиот парох дон Давор Топиќ. Воскресното бдение започна со благослов на оган пред катедралата и внесување на свеќа во катедралата и служба на светлото, а фалоспевот за Воскресната свеќа свечено го со испеа богословот Емануел Матес, кој е на студии во богословија во Ѓаково.
Во проповедта бискупот Стојанов рече: „Го празнуваме таинството кое не исполнува со неизмерна радост. Го празнуваме празникот на Христовото Воскресение. Во оваа света ноќ, која е посветла од секој друг ден, Црквата се собира да го прослави таинството на спасението, Божјото дело кое го надминува секое очекување на секое создание.
Христијанин се станува со крштевањето, но, крштевањето не е обред туку настан, создавање на новиот човек. Со крштевањето се погребува стариот човек, а се раѓа нов, облечен во Христовата слава. Борбата против гревот ни малку не е лесна, таа е наш пат: да бидеме слични на Христовата смрт. И така „израснати според сличноста на неговата смрт ќе бидеме слични на Неговото воскресение“. Значи, Христос не прави нови. Но, тоа не може без нас, без наша подготвеност за такво нешто. Во својата борба против гревот мораме да се дадеме, да бидеме „распнати“ и сè што е зло во нас да може да го направиме тоа што човекот го прави ново суштество. Од гревот не оправдува Христовата смрт и воскресение. Но, слични на Христос не прави нашето настојување и тоа во сè за да му бидеме слични Нему како што вели апостолот: „сметајте се мртви во гревот, а живи во Бога преку Исус Христос!“
Драги браќа и сестри, во оваа Година на семејството во нашата Католичка црква во Македонија особено ги повикувам и поттикнувам нашите семејства длабоко во себе да го обноват така јасниот план дека Бог го создаде семејството на своја слика, дека човекот го откупи и дека на крстот се роди Црквата кое е едно свето Божјо семејство. Но, секое христијанско семејство дословно е Црква, затоа ги заколнувам и молам нашите семејства да станат свесна црква во која живее Воскреснатиот Христос кој навестува радост на новиот човек и сведочи вистина за вистинската вредност на христијанските семејства. На сите вас ви посакувам со отворено срце да го почувствувате Христа Воскреснатиот во себе,“ порача бискупот Стојанов.
На крајот на проповедта бискупот Стојанов на сите верници им го честита празникот Воскресение Христово, пренесувајќи ги честитките и поздравот од Светиот Отец папа Фрањо преку апостолската нунцијатура, Воскресната честитка од митрополитот за месната Црква во Македонија митрополитот, надбискупот врхобосански, кардинал Винко Пулиќ, честитка од кардинал Сантос Абрил и Кастело и други. Исто така се заблагодари и за присутноста на претставници на државните власти и останатите институции, како и на медумските работници кои овозможија директен пренос од славењето на Велигденското бдение од скопската катедрала.
Катедралата беше полна со многу верници католици како и верници од други вероисповеди, а присутствуваше и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Велјановски, премиерот Никола Груевски, директорката на Комисијата за односи со верски заедници Валентина Божиновска, претставник на Македонската православна Црква и луѓе од дипломатскиот кор и културниот живот.
На Мисата пееше катедралниот хор под раководство на сестра Татјана Атанасова, а за свечено служење на Мисата допринесоа и министрантите под раководство на церемонијарот Бошко Чатлак (Redemptoris Mater) и богословот Спасе Спасов (Апостолски егзархат).
Со долга традиција бискупот Стојанов со своите соработници после Мисата организираше прием во просториите на Пасторалниот центар за претставниците на властите и верските, меѓународни и домашни политички и други претставници од културата и животот и парохиската заедница.
д.Д.Т.