„Внимание во ерата на кликбејтот“ e тема за Светскиот ден на комуникациите во 2027 година
Дикастеријата за комуникации на Светиот Престол ја објави темата за 61. Светски ден на комуникациите, кој во 2027 година ќе биде посветен на вниманието и начинот на кој комуницираме во дигиталната ера.
На празникот на свети Архангел Гаврил, Дикастеријата за комуникации на Светиот Престол ја објави темата за 61. Светски ден на комуникациите. Темата гласи: „Нов поглед: Внимание во ерата на кликбејтот“.
Според соопштението на Дикастеријата, темата ги повикува христијаните на „преобраќање на погледот“, односно повторно да научат да гледаат на другите со внимание и љубов.
„Економијата на вниманието, со својата борба за неколку мигови интерес среде брзиот и бесконечен тек на содржини, ги преобразува не само нашите когнитивни способности, туку и начинот на нашата меѓучовечка комуникација“, се наведува во соопштението.
Само кога на другите им обрнуваме внимание со љубов, можеме повторно да го видиме „светот, другите, па дури и самите себе, онака како што Христос нè гледа: повикани по име и сакани“.
„Нашата комуникација се менува кога нашиот поглед избира да се сретне со другиот, наместо да го осудува“, се истакнува во текстот.
Вниманието како форма на великодушност
Современиот човек е постојано изложен на барања за брзи реакции, кратки содржини и површни односи, што постепено создава недостаток на вистинско внимание.
Токму затоа, се нагласува во соопштението, вниманието станува скапоцена форма на великодушност.
„Зборот ‘внимание’ потекнува од ad-tendere, односно да се насочиш кон другиот и кон вистината“, се наведува во соопштението.
„Христијанската комуникација може повторно да го открие вниманието како дар и како начин на гледање, по примерот на Исус, Кој гледаше и дозволуваше да биде допрен.“
Наместо постојано да се стремиме да го привлечеме вниманието на другите, комуникацијата треба да го чува вниманието како драгоцен ресурс за вистински човечки односи.
Комуникацијата е повеќе од зборови
Во современата ера на кликбејтот, кога насловите и содржините често се создаваат за да предизвикаат моментална реакција или клик, христијаните се повикани повторно да ја откријат вистинската вредност на вниманието кон другиот.
„Комуникацијата не е само зборови“, се заклучува во соопштението. „Таа ја вклучува целата личност и нè поттикнува повторно да гледаме, да слушаме и да чувствуваме, за да можеме да одговориме на Христовиот повик.“
Светскиот ден на комуникациите во 2027 година во многу земји, меѓу кои САД, Англија и Велс, Франција, Шпанија, Полска и Италија, ќе се одбележи на 9 мај, додека во други земји датумот го определуваат националните бискупски конференции.
Ватикан њуз/к.мк

