Ве Сеул во тек се подготвките за Светскиот ден на млади во 2027 година

Ве Сеул во тек се подготвките за Светскиот ден на млади во 2027 година

Повеќе од 400 претставници од над 100 земји го завршија четиридневниот подготвителен состанок во Сеул, Јужна Кореја, добивајќи практични насоки и обновен повик да им помогнат на младите да се сретнат со Христос на Светскиот ден на младите во 2027 година.

Да се покани еден млад човек на Светскиот ден на младите значи многу повеќе отколку само да се додаде неговото име на списокот на учесници.

Тоа беше пораката што надбискупот на Сеул, Питер Сун-таик Чунг, им ја упати на делегатите за време на Вториот меѓународен подготвителен состанок за Светскиот ден на младите Сеул 2027, кој заврши на 17 септември.

„Вие не собирате само учесници“, рече тој. „Вие поканувате млад човек да се сретне со Господ.“

Повеќе од 400 лица учествуваа на четиридневната средба, организирана од Дикастеријата за лаици, семејство и живот, во соработка со Локалниот организациски комитет.

Делегациите претставуваа повеќе од 160 епархии, монашки заедници и црковни движења.

Да се допре и до оние што сè уште бараат

Служејќи света Литургија во катедралата Мјеонгдонг на 16 септември, надбискупот Чунг ги охрабри делегатите да ја упатат поканата и до оние млади кои сè уште не се запознаени со Светскиот ден на младите.

Размислувајќи за темата „Бидете храбри, Јас го победив светот“ (Иван 16,33), тој потсети дека Исус им се обратил на учениците во момент кога и тие се соочувале со неизвесност.

И денешните млади, рече тој, живеат со неизвесна иднина, силна конкуренција и бројни поделби, но и понатаму продолжуваат да бараат надеж.

Оваа грижа беше истакната и на воведната света Литургија, кога кардиналот Кевин Фарел ги повика организаторите да подготват искуства што ќе им помогнат на младите да се свртат кон Христос и да откријат заедништво што ги надминува културните разлики.

На завршната света Литургија, епископот Пол Кјунг-санг Ли, генерален координатор на Организацискиот комитет, потсети дека човекот неизмерно е сакан од Бога.

„Пред сè, младите треба да откријат дека се сакани, сакани од Бога, сакани од Црквата и прифатени такви какви што се“, рече тој.

Од Сеул до локалните заедници

Делегатите сега имаат задача искуството стекнато во Кореја да го преточат во конкретни подготовки во своите локални заедници.

За таа цел, состанокот ги поврза пасторалните размислувања со практични презентации на алатките за регистрација и апликацијата наменета за ходочесниците.

Учесниците ги разгледаа и аранжманите за патување, можните локации за настаните, како и програмите што ги подготвуваат корејските епархии, кои ќе ги пречекаат меѓународните ходочесници пред главниот собир во Сеул.

Надбискупот Чунг нагласи дека и младите Корејци активно учествуваат во подготовката на пречекот, заедно со верниците од целата земја.

Сеул ќе биде домаќин на Светскиот ден на младите од 3 до 8 август 2027 година, со што овој голем меѓународен католички собир ќе се врати во Азија за првпат по Манила во 1995 година.

Регистрацијата за меѓународните ходочесници е предвидено да започне кон крајот на октомври.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Вести, Свет

За авторот