Верувам во Светиот Дух
1.1. Третото лице на Пресветата Троица
Во Светото Писмо на Светиот Дух Му се даваат различни имиња: Дар, Господ, Дух Божји, Дух на Вистината и Дух Утешител. Секое од тие имиња ја нагласува посебната важност на третото лице на Пресвтата Троица. Он е „Дар“ бидејќи Отецот и Синот ни Го испраќаат слободно: Духот доаѓа да престојува во нашите срца (Гал 4, 6); Он доаѓа засекогаш да остане со нас. Исто така, од Него доаѓаат сите милости и дарови од кои најголемиот е животот вечен; заедно со останатите Божји Лица во Него го имаме пристапот до Отецот преку Синот.
Духот се нарекува „Господ“ и „Дух Божји“ (имиња кои во Светото Писмо се користат само за Бог) бидејќи Тој е Бог со Отецот и Синот. Тој е „Дух на Вистината“, бидејќи нè учи сè што Христос ни објави во својата полнина и ја води и одржува Црквата во вистината (Ив 15, 26; 16, 13-14). Тој е „вториот Параклет (Утешител, Бранител) ветен од Христос Кој е првиот Параклет (грчкиот текст зборува за „вториот“ Утешител, а не за „различен“ Утешител за да се нагласи заедништвото и постојаноста помеѓу Христос и Духот).
Во Никејско-цариградското верување молиме Et in Spiritum Sanctum, Dominum et vivificantem: qui ex Patre [Filioque] procedit. Qui cum Patre et Filio simul adoratur, et conglorificatur: qui locutus est per Prophetas. Со овие зборови оците на цариградскиот Совет ги истакнале некои од библиските изрази за именување на Духот. Со изразот „дарител на животот“ се упатува на дар на божествениот живот на човештвото. Како Господ и животворец, Он е Бог заедно со Отецот и Синот и затоа го почитуваме еднакво како и нив. Последната фраза упатува на мисијата која Духот ја спроведува меѓу луѓето: Он зборувал преку пророците. Пророците се тие кои се вдахнати од Духот, зборувале во Божјо име за да го поттикнат неговиот народ на обраќање. Откривањето преку Духот во старозаветните пророштва ја достигнува полнината во таинството на Исус Христос, Божјото конечно Слово.
Бројни се симболите на Светиот Дух: вода жива која извира од Христовото прободено срце и ги пои крстените; помазание со елеј кој е светотаинскиот знак на Потврдата, оган кој преобразува она што го фаќа; облак темен или светол во кој се гледа славата Божја, полагање на рака со кое се поделува Духот, гулаб кој при крштението слегнува на Христос и останува над Него (Компендиум, 139).
1.2. Мисијата на Светиот Дух
Третото Лице на Пресветата Троица е на дело со Отецот и Синот од почетокот до довршувањето на планот на нашето спасение. Но, во овие „последни времиња“ кои започнаа со откупителското овоплотување на Синот, Светиот Дух е објавен и даруван, признат и прифатен како Лице“ (Катехизам, 686). Со делувањето на Светиот Дух Синот Божји станува човек во пречистата утроба на Блажена Дева Марија и прима помазание како Месија. Христос пак со „своето поучување Го објавува исполнувајќи го ветувањето дадено на татковците, дувнувајќи во апостолите после своето воскресение, Го предава на Црквата која се раѓа“ ( Компендиј, 143). На денот на Педесетница Светиот Дух е испратен да остане постојано во Црквата, мистичното Тело Христово, оживувајќи го и водејќи го со своите дарови и со своето присуство. Затоа за Црквата исто така е кажано дека ќе биде храм на Светиот Дух како што е душата на Црквата.
На денот на Педесетница Духот слегнал врз апостолите и првите ученици, покажувајќи надворешни знаци на давање живот на Црквата која Христос ја основал. „Посланието на Христос и Духот станува послание на Црквата, послание да се навестува и шири таинството на троиственото заедништво“ (Компендиј, 144). Светиот Дух го води светот во „последните времиња“, во времето на Црквата.
Оживувањето на Црквата со Светиот Дух гарантира дека сето она што Христос го кажал и учел во текот на времето во кое живеал на земјата до Вознесувањето секогаш зачувано без загуба и е сѐ подлабоко сфаќано. Освен тоа, по пат на Светите Тајни Светиот ДУх ја посветува Црквата и верниците и овозможува Црквата континуирано да донесува души кај Бог.
„Во неразделното Троиство на Синот и Духот се различни, но неразделни. Од почетокот до свршетокот на времињата, кога Отецот го испраќа Синот го испраќа и својот Дух кој во верата нè соединува со Христос за да можеме како синови да го нарекуваме Бог: Оче“ ( Рим 8, 15). Духот е невидлив, но ние го познаваме преку неговото делување, кога ни го објавува Словото и кога делува во Црквата“ (Компендиј, 137).
1.3 Како Христос делува во Црквата?
Преку црковните свети Тајни Христос го пренесува својот Дух на членовите на своето Тело и им ја нуди Божјата милост која донесува плод за нов живот во Духот. Исто така Светиот Дух дава посебни милости на некои христијани за доброто на целата Црква. Он е исто така Учител кој ги потсетува сите христијани на она што Христос го објави (Ив 14, 25).
„Духот изградува, оживува и ја посветува Црквата: Духот на љубовта на крстените им ја враќа со гревот изгубениот образ Божји и им дава живот во Христос животот на самото Пресветата Троица. Ги испраќа да ја сведочат Христовата вистина и ги организира во различни служби за сите да донесуваат „плод на Духот“ (Гал 5, 22) (Компендиј 145).
Опус Деи: Мигуел де Салис Амарал/Превод: Д.И.