Ватикан: Папата го охрабрува вработувањето на лицата со попреченост

Во рескрипт објавен на 13 септември 2025 година, и потпишан од државниот секретар, кардинал Пјетро Паролин, папата Лав XIV ги одобри одлуките на Советот на Канцеларијата за работа на Светиот Престол (ULSA) за прием на лица со попреченост во работната заедница на Ватикан. Овие мерки се донесени „во дух на прифаќање“ и, каде што е потребно, со „усвојување на соодветни и специфични мерки“, со оглед на тоа што попреченоста не ја исклучува соодветноста за извршување на работа во институциите на Светиот Престол.

Овие одлуки беа донесени по аудиенцијата одржана на 4 август, кога Светиот Отец го прими кардинал Паролин, а денес беа официјално потврдени преку рескрипт.

Нови законски одредби

Со овој чекор се воведува нов член во „Нормите за заштита на достоинството на личноста и неговите основни права кои мора да се почитуваат при лекарските прегледи пред вработувањето и за време на работниот однос“ од 18 ноември 2011 година. Новата одредба предвидува дека вработувањето на лица со попреченост треба да се охрабрува и да се поддржува со неопходни мерки на прилагодување.

Во согласност со тоа, изменет е и член 14 од Општата уредба на Римската курија: изразот „прописно потврдено добро здравје“ се заменува со зборовите „психофизичка способност за извршување должности потврдена од Управата за здравство и хигиена на Државата Ватикан“.

Овие промени стапуваат на сила веднаш и обврзуваат на активна политика за интегрирање на лицата со попреченост во сите ватикански институции, како на ниво на Светиот Престол, така и во државната администрација на градот Ватикан.

Континуитет во заштитата на работниците

Новите правила претставуваат продолжение на реформите што папата Лав XIV ги одобри во рескрипт од 11 август. Тогаш беа проширени правата и заштитата на вработените, воведувајќи дополнителни погодности, меѓу кои три дена платен одмор месечно за родители на деца со попреченост и пет дена платен одмор за вработените по повод раѓање на дете.

И во овој случај, Светиот Отец ги потврди одлуките на Советот на Канцеларијата за работа на Апостолскиот престол – тело составено од претставници на институциите на Светиот Престол, Администрацијата на градот Ватикан и нивните вработени.

Ватикан њуз/к.мк

https://www.vaticannews.va/hr/papa/news/2025-09/papa-lav-xiv-vatikan-zaposljavanje-osobe-invaliditet.html

Категорија: Uncategorized

За авторот