Ватикан ги објави програмите за пасторалните посети на папата Лав XIV во Италија

Ватикан ги објави програмите за пасторалните посети на папата Лав XIV во Италија

Канцеларијата за печат на Светиот Престол ги објави програмите за претстојните пасторални посети на папата Лав XIV низ Италија во текот на следните три месеци.

Додека Италија го одбележува 25 април како Ден на ослободувањето, Канцеларијата за печат на Светиот Престол објави неколку програми за претстојните пасторални посети на папата Лав XIV на различни италијански градови.

Папата ќе ја започне италијанската турнеја во Помпеја и Неапол на 8 мај, на годишнината од неговиот избор за Папа.

Денот ќе го започне во Папското светилиште на Пресвета Богородица од Светата Бројаница во Помпеја, ходочесничко место за четворица Папи и за милиони верници кои двапати годишно, во мај и ноември, се собираат за молитвата кон Богородица од Помпеја.

Свети Бартоло Лонго, кого папата Лав XIV го канонизираше во октомври 2025 година, го основал Светилиштето и ја напишал молитвата што се користи при ова побожност. Папата ќе ја изговори истата молитва по светата Литургија.

Папата Лав XIV ќе остане на ручек во градот, а попладне ќе се упати кон Неапол, каде што ќе се сретне со свештенството и верниците во катедралата, ќе се поклони пред моштите на свети Јануариј и ќе се сретне со жителите на Неапол собрани на плоштадот Плебишито.

Помалку од една недела подоцна, на 14 мај, Светиот Отец ќе оствари пасторална посета на Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим.

Подоцна истиот месец, на 23 мај, во пресрет на годишнината од објавувањето на значајната енциклика на папата Фрањо за животната средина, Laudato si’, папата Лав XIV ќе отпатува во јужноиталијанскиот град Ачера, сместен во озлогласената „Земја на огновите“, област меѓу Неапол и Казерта, позната по нелегалното отстранување токсичен отпад и согорувањето пластика и индустриски материјали.

Поради високата стапка на смртност поврзана со загадувањето на животната средина, меѓународни научни списанија ја нарекле Ачера, заедно со уште два италијански града, „Триаголник на смртта“.

Следниот месец, на 20 јуни, папата Лав XIV, првиот Папа августинец, ќе го посети градот Павија, каде што од 722 година земните останки на свети Августин почиваат во базиликата „Сан Пјетро ин Сиел д’Оро“.

Пред да отпатува во базиликата, Папата ќе го посети Националниот центар за онколошка хадронтерапија (CNAO), каде што ќе се сретне со раководството, медицинскиот персонал и со деца што се лекуваат таму, заедно со нивните родители.

Националниот центар за онколошка хадронтерапија е единствениот центар во Италија што користи хадронтерапија со протони и јаглеродни јони за лекување тумори, и е една од само шест вакви установи во светот.

На 4 јули Папата ќе отпатува на италијанскиот остров Лампедуза, покажувајќи ја својата блискост со мигрантите, како што направи и неговиот претходник, папата Фрањо, кој го посети сицилијанскиот остров како прва пасторална посета од својот понтификат.

Папата ќе патува и во Асизи и Римини во август, но програмите за овие посети во Италија сè уште не беа објавени од Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот