Благословено возобновеното светилиште Мајка Божја Утешителка во Паљурци

Благословено возобновеното светилиште Мајка Божја Утешителка во Паљурци

Во недела 20 мај 2018 година во месецот на Пресвета Богородица во Паљурци е благословено возобновеното светилиште Мајка Божја Утешителка. Благословот го изврши Н.В.П. д-р Киро Стојанов во заедништво со свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија и Скопска бискупија. На овоој историски момент учество зедоа чесните сестри Евхаристинки на чело со Генералната настојателка Максмилијана Пројкова и провинцијалната настојателка Стефанија Георгиева, како и бројни верници од сите парохии од Апостолскиот егзархат.

Свеченоста започна со света Бројаница, која ја предводеше Н.В.П. д-р Киро Стојанов, а веднаш потоа со поздравниот говор на деканот о д-р Зоран И. Стојанов започна благословот на светилиштето. Во своето обраќање тој истакна: Во овој историски моменет за Католичката црква во Македонија, за Македонскиот народ и сите луѓе со добра волја во Македонија и пошироко, ми претставува голема чест како декан на Деканатот свв. Кирил и Методиј, да ви изразам добредојде пред вратата на возобновениот храм “Мајка Божја Утешителка” во Паљурци.

Истакнувајќи ја важноста на овие простори, отец д-р Зоран И. Стојанов го спомна фактот дека по оваа земја пред скоро дваесет столетија чекореле апостолите Павле, Лука, Сила, Тимотеј, Гај, Аристарх и нивните придружници и дека повеќе векови локалното население го пренесувал тој спомен од колено на колено, денес нѐ прави горди и во нашата среќа и радост ни дава поттик вистински да се поклониме и му изразиме благорадност на Господ Бог.
Понатаму тој нагласи дека пред 110 години Н.В.П. Епифаниј Шанов званично го посветил под заштита на Мајка Божја Утешителка македонскиот народ и храмот го возгигнал во национално светиште. Пред 10 години Н.В.П. д-р Киро Стојанов, ја покрена иницијативата за возобновување на сите свети места во Паљурци и се започна да се зборува за трновитиот пат кој и до тогаш го одевме заради вистината за Паљурци, пред државните институции кои го гушее гласот за желбата на Црквата и верниците Паљурци да се врати на вистинскиот сопственик.

Завршувајќи го своето обраќање деканот Зоран И. Стојанов истакна: (…) радоста која ја имам сакам да ве зафати сите и со заеднички сили да го кренеме гласот во името на правдата, во името на вистината, во името на паљурското население кое отука насилно било протерано, во името на општеството на Сестрите Евхаристинки, во името на свештениците маченици поради Паљурци: Заради Божјото име Паљурци да биде вратено на Католичката црква. Драги браќа и сестри, сето тоа го доверувам на Мајка Божја Утешителка и слугите Божји о. Јосиф и с. Еврозија Алоати да се застапуваат пред Господ Бог за да не исполни со утеха и радост за повторно да заживее жагорот на духовноста на оваа свето место.

По благословот на возобновенатото светилиште Мајка Божја Утешителка Н.В.П. д-р Киро Стојанов обраќајки се на верниот народ истакна: Драги браќа и сестри, колку е убаво да се почувствува дека Бог нè придружува на нашиот животен пат низ историјата. Колку е убаво што денес благодариме за нашите најмили, за нашите прадедовци на мачеништвото кои својот животен пат го ставиле под заштита на Пресвета Богородица Утешителка за и нас Бог да нè придружува на нашиот животен пат низ Историјата. Затоа и ние денес сакаме да го обновиме Крстниот Завет со Бога, тука на оваа посветена почва и да ги ставиме под заштита и застапништво, во утеха и љубов на Марија Утешителка сите наши живи и покојни. Под слободното македонско небо сакаме да му останеме верни на Бога, на Црквата и на Татковината. И бидејќи сме слаби и кршливи, сакаме да замолиме од Пресвета Богородица силно застапништво, да и го принесеме сето маченичко минато, вознемирена сегашност и молитвена иднина, за да нè теши, придружува и застапува како верни сведоци на историскиот животен пат. Ги прикажуваме сите страдања од минатото, сегашноста и иднината како награда. Сета верност ја принесуваме како љубов и молитва за мир и напредок, не само за нашиот народ, туку за сите народи во светот, а особено за оние што Македонија ја имаат за своја татковина. Сакаме да одговориме на повикот на Марија од Фатима, да бидеме Народ во Нејзиното срце, верен на Бога и Црквата. Сакаме да молиме за благослов и мир, да принесуваме жртви за сите гревови и со љубовта на нашите срца да го љубиме Срцето Исусово преку Срцето на Марија. Сакаме да ја слушнеме пораката на основачите на заедницата на сестрите Евхаристинки, о. Јосиф и с. Еврозија Алоати и да возвратиме љубов за љубов на тие прекрасни срца на Исус и Марија. (целата проповед можете да ја прочитате тука)

По благословот владиката Стојанов пред иконата на Мајка Божја Утешителка ја молеше посветната молитва, во која ја посвети нашата татковина Македонија, Црквата и сите луѓе на нашата татковина. (целата молитва можете да ја прочитате тука)

Свеченоста заврши со заедништво и дружење во кругот на светилиштето.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот