Бискупот Стојанов го отвори Студискиот ден „Католичката црква во Македонија низ својата историја“

Бискупот Стојанов го отвори Студискиот ден „Католичката црква во Македонија низ својата историја“

Денес, сабота 10. ноември 2018 година во НУ „Музеј на македонската борба Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов го отвори Меѓународниот Студиски ден „Католичката црква во Македонија низ својата историја“, на кој свои предавања ќе одржат предавања професори од Македонија и странство.

Поздравниот говор на бискупот Стојанов го пренесуваме во целост:

Ваша Еминенцио господине Кардинале, голем канцелар на Теолошкиот факултет на Универзитетот во Сараево, превозвишени госпопода бискупи, високоценети професори и предавачи, претставници на општествените власти и културни дејци, браќа и сестри.

Ова е единствен ден во историјата на Католичката црква во Македонија и по повеќе обиди сепак успеавме, охрабрени од вашиот одзив, да го организираме овој Студиски ден под наслов „Католичката црква во Македонија низ својата историја“. Ве поздравувам како домаќин на овој собир. Кога доста одамна пробавме да размислуваме за еден сеопфатен повеќедневен симпозиум на оваа или на некоја слична тема, моравме да признаеме дека немавме доволно сила за тоа. За научен собир не е доволно само волја и храброст, туку треба да се поседува и низа на околности и битни фактори за да може да се достигне нивото на симпозиум. Но и покрај тоа што моравме да се откажеме од тој план, нас посебно нѐ радува овој студиски ден. Свесни сме дека широкиот работен наслов за овој собир ни оддалеку не може да ја опфати целата тема. Имам впечаток дека со овој ден го имаме клучот во рацете и дека ќе можеме да ја отвориме вратата и да погледнеме со радост барем од прагот на вратата во целото тоа богатство, но и во сите мрачни страни кои со себе ги носи една повеќевековна историја.

Со особена благодарност ве поздравувам и верувам дека секој ваш збор во овие излагања ќе бидат сигурно збогатување на овој ден, како што реков, овој е прв ваков ден кој има желба да даде светлина на назначените теми од стручен аспект, кои сигурно дека треба да се продлабочуваат. Имено, времето не ни дозволува предавањата да бидат долги и особено времето за научен дијалог и взаемно збогатување кое го предизвикува одредена тема. Затоа, на вас предавачите, и покрај ограниченото време, ви упатувам повик во вашите излагања прифатените теми да ги елаборирате колку што е можно поцелосно, затоа што имаме план сето тоа да го објавиме како своевиден Зборник.

Според досега кажаното, овој собир е првенец, почеток и ви благодарам за присутноста. Вистина е дека денес ќе слушаме излагања, но ве повикувам Скопје да го доживеете со сето срце и на начин кој може да биде завет за еден ден да може да се организира и толку потребниот научен симпозиум. Затоа што ако писмото не е истражено или запишано, народот и верниците кои не се сеќаваат на своето минато и не го ценат поминатиот пат, за жал немаат ни иднина. Помогнете ни охрабрени да гледаме кон иднината. Поздравувајќи ве и изразуваји благодараност Ви посакувам искрено добредојде и успешен и благословен работен ден.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот