Бдение за Духовден во Скопската катедрала

На 7 јуни 2014 година во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје, во пресрет на празникот Духовден – Педесетница, одржано е бдение, кое го предводеше катедралниот парох дон Давор Топиќ.

Првиот дел од бдението се состоеше од Служба на Словото, а беше прочитана и катехезата „Посланието на Светиот Дух“ од свети Иренеј, бискуп. Текстот го читаше с. Ангелина од заедницата на сестрите усмиленки.

Потоа следуваше хомилија од страна на дон Давор Топиќ, кој рече дека гревот раѓа смрт и неединство, го разбива заедништвото, донесува страдање, ја краде надежта, додека во силата од Светиот Дух примаме живот кој го гради заедништвото. „Црквата на денешен ден започна да диши и му се претстави на светот. Денес го започна својот историски од, од Ерусалим до сите народи во светот. Овој свет не може сам по себе да најде спасение, има потреба од Исус Христос, победникот на смртта. Затоа вечерва Воскреснатиот Господ сака во нас да го вдахне својот Дух како би имале во себе живот. Без Светиот Дух Бог ни е далечен, не можеме вистински да го сретнеме. Во силата на неговиот Дух Црквата го живее своето послание, навестувањето на Радосната вест, излегува од себе и станува Црква, која сведочи за Божјата љубов и победата над смртта. Да го благословуваме Бог што ни ја даде мајката Црква“.

Во вториот дел од бдението следуваше обожавање пред Светата олтарска тајна, со спонтани размислувања и молитви, како и пеење предводено од с. Татјана Атанасова.

К.мк

Категорија: Македонија

За авторот