Апостолска пенитенцијарија: Никој не е преголем грешник за да се врати кај Бога

Апостолска пенитенцијарија: Никој не е преголем грешник за да се врати кај Бога

„Никогаш да не престанеме да се враќаме кај Бога, затоа што Тој никогаш не престанува да нè чека“, порача монс. Кшиштоф Никиел, регент на Апостолската пенитенцијарија, повикувајќи ги верниците повторно да ја откријат убавината на Светата Тајна Исповед.

Во разговор за Vatican News, монс. Никиел посебно им се обрати на оние кои се оддалечиле од исповедта поради страв, срам, негативни искуства или поради повторното паѓање во исти гревови.

Неговото обраќање доаѓа во пресрет на петтото издание на семинарот посветен на Светата Тајна Исповед, што Апостолската пенитенцијарија го организира на 23 и 24 октомври. За учество се пријавиле повеќе од 800 лица, кои семинарот ќе го следат непосредно или преку интернет.

Главна тема на годинешната средба е contritio cordis, односно каењето и скрушеноста на срцето.

Монс. Никиел нагласи дека каењето е суштински дел од Светата Тајна Исповед. Тоа не се сведува само на жалење поради направената грешка или на страв од нејзините последици. Вистинското каење значи искрено признавање на сторениот грев, болка поради него и одлука човекот повторно да се врати кај Господ, отворајќи се за делување на Неговата благодат.

Тој потсети дека гревот го ранува односот со Бога, со ближните и со самиот себе. Затоа покајанието не значи човекот да остане заробен во чувството на вина, туку искрено да ја признае својата одговорност и да се отвори за простувањето и за нов почеток.

Во програмата на семинарот се предвидени библиски, богословски, антрополошки и пасторални размислувања. Главниот пенитенцијар, кардинал Анџело Де Донатис, ќе зборува за библиските темели на contritio cordis, со посебен осврт на Псалм 50, една од најпознатите покајнички молитви во Светото Писмо.

Предвидени се и излагања за односот меѓу вината, жалењето, покајанието и каењето, како и за патот на вистинското преобраќање и духовните перспективи на Истокот и Западот. Посебно внимание ќе биде посветено и на надоместувањето и поправањето на штетата предизвикана од гревот.

Монс. Никиел истакна дека Светата Тајна Исповед не завршува со признавањето на гревовите. Таа е пат на кој вистината се среќава со Божјото милосрдие, а покајанието станува почеток на обновен живот.

Посебна порака упати до верниците кои сметаат дека нивните гревови се премногу тешки или дека повторното паѓање во истите слабости ја прави исповедта бесмислена.

„Не дозволувајте стравот да ве совлада и не сомневајте се дека може да ви биде простено. Господ не бара од нас да бидеме беспрекорни пред да Му се приближиме. Тој бара искрено да дојдеме пред Него, признавајќи ја нашата потреба од Неговата љубов и нашата желба да се промениме“, порача монс. Никиел.

Целта на семинарот е верниците повторно да ја откријат Светата Тајна Исповед како место на средба со Божјото милосрдие, простувањето и благодатта за нов почеток.

Пораката што Апостолската пенитенцијарија сака да ја упати е јасна. Никој не е предалеку од Божјото милосрдие и никој не е преголем грешник за да се врати кај Бога.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот