„Целото Христово служење, во многуте објави, е борба против злото“. Ова го истакна папата Фрањо за време на говорот пред молитвата Ангел Господов на 21 февруари 2021 година, потсетувајќи на четириесетте дена, кои Исус ги помина во пустината.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Минатата среда со покајничкиот обред пепелење го започнавме постот. Денес, во првата недела од ова литургиско време, Божјото Слово ни покажува како плодоносно да ги поминеме овие четириесет дена, кои водат до годишното славење на Велигден. Тоа е пат низ кој помина Исус, а кој Евангелието, во скратен стил на Марко, го сумира со зборовите дека, пред да го започне своето проповедање, се повлекол четириесет дена во пустината, каде што Сатана го искушува (сп. 1,12-15). Евангелистот нагласува дека „Духот го одведе [Исус] во пустината“ (ред 12). Светиот Дух, кој слезе врз него веднаш по крштевањето, кое го прими од Иван на реката Јордан, истиот Дух сега го води во пустината, да се соочи со Искушувачот, да се бори против ѓаволот. Целиот живот на Исус е ставен во знакот на Духот Божји, кој го оживува, вдахновува и води.
Но, да размислиме за пустината. Да се задржиме за момент на таа природна и симболична средина, многу важна во Библијата. Пустината е место каде што Бог зборува на човечкото срце и каде извира молитвениот одговорот, односно тоа е пустина на осаменоста, срце одвоено од другите работи и само во таква осаменост човекот се отвора за Божјото Слово. Но, тоа исто така е и место на искушение и напаст, каде Напасникот, искористувајќи ја човечката слабост и потреба, говори со својот лажлив глас, кој е алтернатива на Божјиот, зборува со алтернативен глас што ти покажува друг пат, друг пат на кој човекот е измамен и изигран. Напасникот заведува.
Имено, во текот на четириесетте дена кои ги поминал Исус во пустината, започнува „двобој“ меѓу Исус и ѓаволот, кој ќе заврши со страдањата и крстот. Целата Христова служба е борба против Злиот во неговите многубројни појави: оздравување од болест, протерување на демоните од опседнати, простување на гревови. По првиот период во кој Исус покажа дека зборува и дејствува со силата на Бога, се чини дека ѓаволот е надмоќен кога Синот Божји ќе биде отфрлен, напуштен и на крајот, фатен и осуден на смрт. Изгледа дека ѓаволот победи. Но смртта всушност била последната „пустина“ низ која треба да се помине за да се победи Сатаната еднаш засекогаш и сите да се ослободат од неговата моќ над нас. И така, Исус победи во пустината на смртта за да победи со воскресението.
Секоја година, на почетокот на Великиот пост, ова Евангелие за Исусовото искушенија во пустината, нè потсетува дека христијанскиот живот, по стапките на Господ, е битка против духот на злото. Ни покажува дека Исус подготвено се спротивставува на Напасникот и го победил; истовремено нè потсетува дека на ѓаволот му е дадена можност да дејствува врз нас и со искушенија. Мора да бидеме свесни за присуството на тој лукав непријател, кој ја посакува нашата вечна пропаст и нашиот неуспех и да се подготвиме да се одбраниме од него и да го совладаме. Божјата благодат ни гарантира, со вера, молитва и покајание, победа над непријателот. Но, сакам да нагласам една работа: во искушенијата Исус никогаш не разговара со ѓаволот, никогаш.
Во целиот на својот живот, Исус никогаш не се впуштал во разговор со ѓаволот, никогаш. Или го протерува од опседнатите или го осудува или ја покажува неговата злоба, но никогаш не се впушта во дијалог. Во пустината изгледа дека има дијалог затоа што ѓаволот му нуди три работи и Исус му одговара. Но, Исус не одговара со свои зборови, туку одговара со Словото Божјо, со три пасуси од Светото Писмо. И ова е она што сите треба да го правиме. Кога ќе се приближи заводникот, тој започнува да нè заведува: „Помисли на ова, направи го тоа…“. Во искушение сме да започнеме разговор со него, како што направи Ева; и ако влеземе во дијалог со ѓаволот ќе бидеме поразени. Запомнете го ова добро и всадете го во срцето: со ѓаволот никогаш не се разговара, не постои можност за дијалог. Само со Словото Божјо.
За време на постот, Светиот Дух нè поттикнува, како и Исус, да влеземе во пустината. Видовме, не се работи за физичко место, туку за егзистенцијална димензија во која ќе молчиме, слушајќи го Словото Божјо „за да може да се случи во нас вистинско преобраќање“ (Соборна молитва во Првата недела од Великиот пост, Б). Не се плаши од пустината, обиди се да одвоиш повеќе моменти за молитва, тишина, да влезеш во себе. Не плаши се. Ние сме повикани да чекориме по патиштата Божји, обновувајќи ги ветувањата за нашето крштевање: да се откажеме од Сатаната, сите негови горделивости и сите негови дела. Непријателот демне, бидете внимателни. Но, никогаш не зборувај со него. Да се довериме на мајчиното застапување на Дева Марија.
Ватикан њуз/к.мк