Како Петар, ние често се враќаме на брегот без улов во нашите животи, се чувствуваме поразени. Меѓутоа, Господ е тој што го избира нашиот кораб – таков каков што е – за да го проповеда Евангелието. Секогаш и во личниот живот и во животот на Црквата и општеството може да се направи нешто убаво и храбро, рече папата Фрањо во своето обраќање пред молитвата Ангел Господов на 6 февруари 2022 година на плоштадот Свети Петар.
Во Евангелието за денешната Литургија, Исус прво влегува во коработ на Симон, а потоа го поканува да појде на отворено море. Во своето обраќање пред молитвата Ангел Господов папата Фрањо повика на размислување за овие два чина.
Секојдневно пловење во морето на секојдневните обврски
Исус влегува во коработ на Симон за да поучува. Го бара токму тој кораб, без никаков улов, кој разочаран се врати на брегот по цела ноќ работа, празен, рече Папата. Убава слика и за нас, забележа тој. Секој ден, бродот на нашиот живот го напушта брегот на домот за да заплови во морето на секојдневните обврски; секој ден се трудиме да „ловиме на отворено море“, да негуваме соништа, да реализираме проекти, да ја живееме љубовта во нашите односи. Но, често, како Петар, доживуваме „ноќ на празни мрежи“, рече Папата. Колку пати и ние се чувствуваме поразени, додека во нашите срца се будат разочарување и горчина.
Влегување на нашиот кораб
Што прави тогаш Господ? Тој избира да влезе во нашиот кораб. Оттаму сака да го навести Евангелието. Токму тој празен кораб, симбол на нашата неспособност, станува Исусова „катедрала“, проповедалница од каде го навестува Словото, рече папата Фрањо.
Тоа е она што Господ сака да го прави – Господ е Господ на изненадувањата, чуда во изненадувањата – да влезе во коработ на нашите животи кога немаме што да Му понудиме; да влезе во нашите празнини и да ги исполни со неговото присуство; да го искористи нашето сиромаштво за да го навести неговото богатство; нашата беда за да ја објави неговата милост.
Бог на близината
На Господ не му треба брод за крстарење, доволен му е еден беден, излитен кораб, сѐ додека го прифаќаме, истакна тој. Дали ќе го пуштиме Бог во коработ на нашите животи е прашањето кое го постави Папата.
Понекогаш се чувствуваме недостојни за Него затоа што сме грешници. Но, тоа е изговор што не му се допаѓа на Господ, бидејќи го отстрануваме од нас. Тој е Бог на близината, сочувство, нежност и не бара перфекционизам, туку прифаќање. Тој исто така на тебе ти вели: „Дозволи ми да влезам во коработ на твојот живот таков каков што е“.
Со Исус се плови без страв
На тој начин, Господ ја обновува довербата на Петар. Откако ќе влезе во коработ, откако ќе проповеда, ќе му каже да исплови. Времето не било погодно за ловење риби, но Петар верува во Исус. Тој не се потпира на рибарските стратегии, кои добро ги познавал, туку на Исусовата новост, истакна Папата. Истото ни се случува и нам – ако го прифатиме Господ во нашиот кораб, можеме да исполовиме на отворено море. Во морето на животот со Исус се плови без страв, не препуштајќи се на разочарувањето кога нема улов и не се предава на мислите дека „нема што да се прави“.
Секогаш може да се направи нешто убаво и храбро, и во личниот живот и во животот на Црквата и општеството. Секогаш. Секогаш можеме да почнеме од почеток, Господ секогаш нè повикува да се вратиме во игра затоа што Тој отвора нови можности.
Затоа, да го прифатиме повикот, поттикна Папата, да го истераме песимизмот и недовербата и да одиме со Исус на отворено море. Дури и нашиот мал, празен кораб ќе придонесе за чудесниот улов.
Ватикан њуз/к.мк