Ангел Господов: Восхитувајте се на лудата љубов Божја која никогаш не се изморува

Ангел Господов: Восхитувајте се на лудата љубов Божја која никогаш не се изморува

Во своето неделно обраќање пред молитвата Ангел Господов во недела 13 март 2022 година, папата Фрањо поттикна во Великиот пост да му дозволиме на Господ да нѐ изненади и да ги разбуди нашите срца.

Евангелието за неделната света Литургија зборува за Преображението Господово (сп. Лука 9, 28-36), посведочено од апостолите Петар, Иван и Јаков. Замислуваме дека тројцата имале широко отворени очи пред настанот, но евангелистот Лука исто така пишува дека Петар и неговите придружници биле совладани од сон, а потоа, кога се разбудиле, ја видел неговата слава и двајца мажи како стојат покрај него (сп. р. 32). Истите апостоли ќе заспијат во Гетсиманија, за време на Исусовата усрдна молитва, кога ги замолил да бдеат, забележа Папата. Изненадени сме од таа поспаност во вакви важни моменти, рече Папата.

Сепак, читајќи внимателно, гледаме дека Петар, Иван и Јаков дремеле пред почетокот на Преображението, односно додека Исус бил во молитва. Очигледно тоа беше молитва која траеше долго, во тишина и размислување. Можеме да замислиме како и тие на почетокот молеле, додека не ги совладал уморот, рече Светиот Отец.

Секојдневна поспаност

Зарем овој необичен сон не е сличен на нашата поспаност што ни доаѓа во моменти за кои знаеме дека се важни? Можеби е тоа навечер, кога би сакале да се молиме, да поминеме малку време со Исус после денот поминат во илјада трки и обврски. Или кога ќе дојде време да размениме некој збор со семејството и веќе немате сила, рече Папата. Сакаме да бидеме побудни, повнимателни, вклучени, да не губиме драгоцени можности, но не можеме или на некој начин не успееме.

Благодат е да се одржува срцето будно

Силниот период на постот во таа смисла е можност – истакна Светиот Отец. Тоа е време кога Бог сака да нѐ разбуди од нашата внатрешна летаргија. Добро да го запаметиме ова: Будењето на срцето не зависи само од нас, тоа е благодат и треба да се бара. Тројцата ученици од Евангелието го покажуваат тоа: тие биле добри, отидоа со Исус на гората, но не можеле да останат будни со своите сили. Но тие се будат токму во моментот на Преображението, истакна Светиот Отец. Можеме да замислиме како тие биле разбудени од Исусовата светлина. Како нив, и ние имаме потреба од Божјата светлина, која нè поттикнува да ги гледаме работите поинаку; нè привлекува, нè буди, повторно ја разгорува желбата и силата да се молиме, да ѕирнеме во себе и да им посветуваме време на другите. Физичкиот умор може да се надмине со силата на Божјиот Дух, поттикна Папата.

Дајте му на Господа можност да нѐ разбуди

Во ова време на Великиот пост, по секојдневните неволји, добро ќе ни биде да го изгасниме светлото во собата и да се ставиме во светлината Божја. Да молиме малку пред спиење. Да му дадеме можност на Господ да нѐ изненади и да ги разбуди нашите срца, рече Папата, нагласувајќи дека тоа можеме да го направиме, на пример, со отворање на Евангелието и да дозволиме да бидеме восхитени од Божјото Слово. Како што рече, Светото Писмо ги осветлува нашите чекори и ги разгорува нашите срца. Можеме и да погледнеме во Распетието и да се восхитуваме на лудата љубов Божја, кој никогаш не сè изморува и кој има моќ да ги преобрази нашите денови, да им даде нова смисла, поинаква и неочекувана светлина.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот