Пресвета Евхаристија

Пресвета Евхаристија

Со денешниот празник Пресвета Евхаристија го славиме големото таинство на Исусовата љубов кое ни го оставил на нас луѓето во Светата Тајна – Евхаристија, со која Исус ни оставил можност да се храниме со неа како што направија и апостолите на последната вечера. Неговата желба да ја сподели со луѓето полнотата на својот живот била толку силна што не сакал да ја оствари само во еден момент само со неколку луѓе, туку сакал со целото човештво да направи сојуз на неговата неискажана љубов. А да би се случило тоа морал да дојде до нас во потполна понизност. Навистина, сакал да го опфати до сржта на човечкото битие, а не да се сведе само на површен настан. Затоа размислувајќи за Божјото дејствување за нас луѓето, гледаме дека се работи за неговото слегнување кон нас во понижена форма, но со цел да нѐ возвиси нас до неговата слава. Секое негово слегнување кон нас секогаш е еден чин на понизност и слегнувањето од вечната слава во нашета временска приземност е заради нас и нашето спасение.

Освен тоа, секое негово слегнување кон нас е негово себедарување, бидејќи приближувајќи ни се, секогаш ни дава и дел од себе, тежнеејќи да ја достигне полнотата на посветеност и дарување. Полнотата на посветеност и себедарување го остварил со овоплотувањето кога на себе ја зема нашата човечка природа со која стана неразделно едно.

На тој начин целосната средба се случила со целосниот дар на неговиот живот за нас луѓето, бидејќи само така и би можела да биде полнотата на средбата преку дарот на целосниот живот. Пред тоа средбата била постепена и делумна како подготовка за полнотата на животот. Но целосно средбата се случила тогаш кога се случил целосниот спој на двата живота. Дури тогаш кога божествениот и човечки живот се соединиле во цврст и нераскиснлив сојуз, тогаш се случила полнотата на Божјиот дар за човекот. Тоа бил моментот кога лебот слегол од небото и станал леб на човекот, со тоа што дошло до мерка на човекот, но предизвикувал небесни ефекти. Тоа бил моментот на оној совршен сојуз како што е случајот меѓу пријателите или во бракот, кога после запознавањето и приближувањето доаѓа до потполна посветеност на животот од едниот за другиот. Затоа во Стариот Завет Бог им покажувал знаци на својата љубов и грижа, спасувајќи го и хранејќи го својот народ, додека потполно во својот Син не го дарувал целиот свој живот станувајќи самиот Тој храна за човекот.

Но денешниот празник не е само празник на таинството за Христовото Овоплотување, туку тоа е празник и на нашето овоплотување кон Бога. Исус со своето доаѓање и со својата смрт за нас овозможил да се среќаваме со Бога до крај. Тој со маката, смртта и воскресението нѐ исчистил од злото и од гревот за да можеме потполно и целосно да станеме едно со Бога примајќи целосен дар на животот. Бидејќи само чисто битие може да се соедини со Бога и доколку потполно се предаде на дарот. Христос го зеде нашето тело и стана вистински човек за да дојде до телата на секој од нас и да нѐ направи свое Тело. Тој најпрво го прочистува нашето битие за потоа да стане наша храна, со што го започнува процесот на нашето целосно овоплотување со Него. Тој го дава своето тело за да ние станеме дел од неговото, со што потоа до крај Тој нас нѐ возвишува и нѐ прославува кај Себе во небесата. Навистина овој празник не е само фолклорно чествување на неговото Пресвето Тело, туку и прославување на сите ефекти кои се случуваат во нас.

Затоа за нас Евхаристијата е таинство на нашето овополотување во Бога и во неговиот вечен живот. Христовиот дар во таинството на евхаристијата ни дава можност за овој процес на соединување со Бога и како наш одговор на Божјата љубов и за сето она што направи за нас во историјата на спасението.

Евхаристијата овозможува Бог да се овоплоти во нашиот живот, па тогаш и ние да станеме едно со Него. Но овој пат не само во нашето тело во кое преку Христос се случило потполното заедништво на Бога и човекот, туку и во Неговото тело со тоа што Христос го овоплотува и го вознесува во небесната слава преку дарот на своето Тело. Тој токму и затоа се овоплотил, та и затоа таинството на Христовото тело не е само таинство на неговото овоплотение во човечкиот живот, туку и наше овоплотение во Божјиот живот. Таинството на неговото доаѓање не е само еднократно или краткорочно, туку останува како Божји план за секој човек до крајот на светот. Затоа нашиот Господ на своите ученици им вели дека ќе остане со нив сѐ до крајот на светот. Во евангелието според Иван (Ив 6- 51-58) Исус вели дека останува како леб кој слегол од небото за да му даде живот вечен на оној кој го јаде. Јадејќи го неговото тело и пиејќи ја неговата крв нашето човечко битие се претвора во Неговото, свето, совршено, и го реализира зацртаниот Божји план на спасението. Затоа евхаристиското таинство е најголем Божји дар за сите нас, и тоа е најубавото нешто што можело да ѝ се случи на човечката природа, бидејќи со овој дар секој човек се посветува и сопственото битие го воздигнува во небесната слава.

Затоа да му бидеме благодарни на Бога, хранителот кој нѐ храни со вистински живот. Да ја оживееме ревноста кон Пресветата Евхаристија, бидејќи таа е чудо на нашето преобразување од човечката распадливост до вечната нераспадливост. Сериозно да ги сфатиме Исусовите зборови, и со сета чистота на срцето да го примаме, бидејќи од побожното примање на неговото тело зависи нашето овоплотување со Него. Со сето срце да останеме во Него, т.е. често и свесно да го примаме, така што и тој ќе остане со нас, и овоплотувањето да го посвети на нас со своето тело и на тој начин да нѐ одведе во небесната слава.

Вера и Дела/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот