Папата Фрањо: Мир во семејствата, единство во Црквата

 Папата Фрањо: Мир во семејствата, единство во Црквата

На светата Литургија во домот Света Марта, папата Фрањо посебни мисли посвети на семејствата затворени дома заради пандемијата од коронавирусот, и се молеше во нив да нема насилство, туку да владее мир, трпение и креативност. Во проповедта потсети дека Исус сака единство во Црквата; затоа мора да ги надминеме искушенијата на поделбите.

На почетокот на светата Литургија во домот Света Марта, папата Фарњо во понеделникот на 4 мај 2020 година посебно мислеше на семејствата. Денес се молиме за семејствата; во оваа време на карантин семејствата се затворени дома, настојуваат да направат многу нови работи, со многу креативност со децата, со сите за да одат напред – рече, меѓутоа, понекогаш во нив има домашно насилство. Да се молиме за семејствата, во тој карантин да продолжат да живеат во мир, со креативност и трпение – поттикна Папата.

Во проповедта се осврна на првото читање од денешната Литургија, земено од Делата на светите апостоли (Дела 11, 1-18), кое зборува за Петар на кој браќата сè уште врзани за законите му приговараат затоа што јадел со необрезаните во нивниот дом. Но, Петар тоа го направил затоа што Духот таму го доведува – напомена Папата и додаде дека во Црквата секогаш постои тој дух „ние сме праведници, другите се грешници.“ Тоа „ние и другите“, тие поделби; дури и мислење дека другите се осудени.

Тоа е болеста на Црквата, која произлегува од идеологиите или од верските партии – рече Папата и спомна дека во Исусово време имало најмалку четири верски партии: партијата на фарисеите, садукеите, зелотите и есените и секоја ја толкувала својата „идеја“ за законот. И Исус го укорувале заради тоа, што влегувал во куќата на цариник кои според нивното мислење биле грешници. Тие укори секогаш создаваат поделби – истакна Папата и објасни: Има идеи и ставови кои создаваат поделби и тоа толку што поделбите стануваат поважни од единството. Поважна е мојата идеја од Светиот Дух Кој нè води.

Господ напротив сака единство. Никој не смее да остане надвор од Црквата; сите треба да бидат во неа со своите карактеристики. Во Евангелието (Иван 10,11-18), Господ ни кажува: „И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир.“ Ни кажува дека е пастир на сите – објасни Папата, и на возрасните и на малите, богатите и сиромашните, на добрите и злите. Дојде заради сите луѓе и умира за сите. И за оние кои не веруваат во Него или припаѓаат на другите религии; умре за сите луѓе. Имаме само еден Спасител.

Меѓутоа постои искушението да кажеме дека сме на една или на друга страна – рече Светиот Отец и додаде: Разликите се допуштени, но секогаш во единство во Црквата. Сите имаме еден пастир, Исус. Нека Господ нè ослободи од психологијата на поделбите и ни помогне да видиме дека во Исус сите сме браќа, и дека Он е пастир на сите – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот