Папата на Генералната аудиенција потсети на посетата на Чиле и Перу

Папата на Генералната аудиенција потсети на посетата на Чиле и Перу

На 24 јануари 2018 година, Генералната аудиенција, на плоштадот Свети Петар во Ватикан, која од салата Павле VI ја следеа болните, меѓу кои голем број деца папата Фрањо ја започна присетувајќи се на сите добри луѓе со кои се сретна во текот на своето апостолско патување во Чиле и Перу.

Притоа истакна дека тоа патување беше под геслото: „Мирот свој ви го давам“, а тие Исусови реченици се упатени до учениците, кои ги повторуваме на секоја света Миса. Тоа е дар на мирот кој само умрениот и воскреснат Исус може да го даде на оние кои Му веруваат. Не само што на секој од нас му треба мир, туку потребен е на целиот денешен свет во кој се води Трета светска војна во делови.

На средбата со политичките и граѓанските власти во земјата – рече Папата – ја охрабрив чилеанската демократија да стане просторот за средба, цврст и способен за да ги вклучи различностите, и за таа цел како метода го посочив патот на слушањето; посебно слушањето на сиромашните, младите и старите луѓе, мигрантите, како и слушањето на земјата. Во текот на првата Евхаристија одекнуваа блаженствата кои треба да се сведочат со грижата за ближните, со близината, меѓусебното делење на она што го имаме, зацврстувајќи го со благодатта Христова ткивото на црковната заедница и општеството во целина.

Во тој стил со напорите да бидеме близу до другите, повеќе вредат гестовите отколку зборовите, и затоа го посетив женскиот затвор во Сантијаго – рече Светиот Отец и продолжи: Ги поттикна затвореничките да бараат од себе и од институцијата сериозна подготовка за повторното вклучување во општеството, имајќи го тоа пред себе како хоризонт кој и дава смисла на секојдневната мака. Не можеме да размислуваме за било кој затвор без можноста за повторно вклучување во општеството, затоа што ако ја нема таа надеж, тогаш тоа е бесконечно мачење. Кога се оди во насока на повторно вклучување во општеството, и оние кои се осудени на доживотна казна, можат повторно да се вклучат во општеството преку работата во затворот и на тој начин да влезат во дијалог. Затворот мора секогаш да ја има таа димензија на повторно вклучување во општеството.

Во Чиле имав две многу силни средби со чилеанските свештеници, на Бога посветените лица и со епископите – рече потоа папата Фрањо и додаде: Ги утврдив своите браќања во отфрлувањето на било каков компромис кон сексуалната злоупотреба на малолетници и истовремено во довербата во Бог кој преку тие тешки искушенија ги прочистува и обновува своите служители.

На југот и на северот на Чиле, Папата служеше света Литургија со домородците, и осврнувајќи се на нив истакна дека во таа прилика нивните драми се претвориле во радост и дека тие испратиле силен апел за мир, барајќи хармонија во различностите и казна за секое насилство. Средбите со младите одговорија на критичните предизвици, нудејќи голема смисла на животот за новите генерации. Светиот Отец рече: Им предложив модел на сеопфатна формација која католичкиот идентитет го претвора во способност за учество во градењето на општеството кое е обединето и плурално, каде конфликтите не се сокриени, туку се водат со дијалогот.

Во Перу геслото за посетата беше „Обединети во надежта“ – потсети папата Фрањо и рече: Обединети не во неплодната еднаквост, сите исти; тоа не е единство; туку во целото богатство на разликите кои ги наследуваме од историјата и културата. Симболично сведоштво за тоа е средбата со народите во перуанска Амазонија, на која исто така Папата го најави почетокот на Панамазонската синода која е свикана за октомври 2019 година, како и останатите средби кои кажаа „не“ на економската и идеолошката колонизација.

Обраќајќи им се политичките и граѓанските власти во Перу, изразив восхит за наследството на животната средина, културата и духовноста на таа земја и предупредув на две реалности кои тешко ги загрозуваат: општествено-еколошката деградација и корупцијата – рече Папата и нагласи: Никој не е ослободен од одговорноста пред тие две дамки, и обврската е на сите за да им се спортивставиме.

На првата света Литургија во Перу, во Трухилјо кој минатата година го погоди бура – рече Светиот Отец – го охрабрив народот да се спротивстави и на другите бури како што е криминалот, недостатокот на образование, работа и безбедно живеење, а на Бога посветените лице ги повикав да бидат богати со сеќавањето и верни на своите корени. Меѓу тие корени се наоѓа и народната побожност кон Дева Марија.

На последниот ден од својот престој во Лима – рече папата Фрањо – се сретнав со 500 контемплативни монахињи кои се вистински бели дробови на верата и молитвата во Црквата и во целото општество. Во катедралата на посебен начин се молев за застапништво на перуанските светци по што се сретнав со перуанските епископи и младите, и ги повикав да го следат примерот на светците кои не го губеле времето разубавувајќи ја сопствената слика, туку го следеле Христос кој на нив гледал со надеж.

На денешната литургија си спомнуваме на свети Фрањо Салешки – потсети на крајот Папата и ги упати младите на неговиот лик да гледаат како на „нежен пример“, на болните да им биде охрабрување за своите трпења да ги принесуваат за единството на Црквата, а на младенците да им биде пример како во семејниот живот да препознаат дека првото место треба да го има Бог и неговата љубов.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот