Папата: Како Марија кажете Му „да“ на Бог

Папата: Како Марија кажете Му „да“ на Бог

Исус повикува да се прифати животот во неговата кревкост и слабост, но и во убавината.

Во рамките на Светскиот ден на млади, папата Фрањо на 26 јануари 2019 година со 600.000 млади во „Метро Парк“ во Панама, учествуваше на молитвеното бдение во текот на кое се обрати на младите осврнувајќи се посебно на зборовите на Блажена Дева Марија: „Нека ми биде според зборовите твои“ кои воедно се и тема на таа средба.

Папата младите ги поттикна да кажат „да“ на таа љубовна приказна како Марија која не била влијателна личност и не учествувала на социјалните мрежи во тоа време, но сепак станала највлијателната жена во историјата. Нејзиното „да“ не било пасивно прифаќање. Тоа било „да“ на оние кои сè ставаат на коцка, без никаква гаранција и со знаењето дека се носители на ветувања. Тоа „да“ е посилно од сомнежите и тешкотиите до кои можело да дојде, но не биле причината да каже „не“. Марија не купила животно осигурување и затоа е Божја влијателка – рече Папата.

Вечерва слушаме како Богородичното „да“ одекнува и се умножува од генерација на генерација – рече Светиот Отец и продолжи: Тоа го покажаа сведоштвата кои ги слушнавме. Родителите на девојчето со даунов синдром пред нејзиното раѓање рекле: „Нека биде“, одлучиле да ја љубат, верувале дека светот не е само за силните. Да се каже „да“ на Господ значи да се има храброст да се прифати животот онаков каков што доаѓа, со својата кревкост и слабост, па и со сите негови противречности и во недостаток на смислата.

Да се земе животот онаков каков што доаѓа значи да се прифати својата татковина, семејството и пријателите такви какви што се – рече папата Фрањо и додаде: Животот го прифаќаме кога сме отворени за сето она што не е совршено, чисто и прочистено, но заради тоа не помалку вредно за љубов. Исус го прегрнал лепрозниот, фарисејот и грешникот и им простил на оние кои го распнале. Само она што се љуби може да биде спасено и само она што се прегрнува може да биде преобразено. Божјата љубов е поголема од сите наши противречности, кревкости и слабости, а токму преку нив Он ја пишува таа љубовна приказна. После нашите падови секогаш нè прегрнува и ни помага да станеме. Победата не е „да не паднеме“, туку да станеме после падот.

Лесно е да ги критикуваме младите ако ги лишиме од можноста за работа, воспитание, образование и заедништво кои им се потребни за да ја сонуваат иднината – рече Светиот Отец и нагласи: Без тоа е невозможно да се сонува иднината и да се одговори за што има смисла да се живее. Мора да им дадеме прилика затоа што се чувствуваат како да не постојат за другите и дека за ништо не се прашуваат. Така се туркаат во дрогата и во сè што уништува. Секогаш е можно да се започне од почеток, да се прифати посланието и да се биде „влијател“ на 21 век; чувар на корените и на животот.

Светот нема да биде подобар ако има помалку болни, слаби, кревки или стари, но ниту затоа што ќе има помалку грешници, туку кога ќе има повеќе луѓе кои ќе веруваат во иднината и во преобразувачката сила на Божјата љубов. Само љубовта нè прави почовечни, сè останато е сугестија. Отворете го своето срце за Исус кој ве повикува да го прифатите животот во неговата кревкост и слабост, но и во убавината. Не плашете се да му кажете на Исус дека сакате да учествувате во Неговата љубовна приказна во овој свет, и дека сте создадени за нешто повеќе – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот