Недела на Словото Божјо

Недела на Словото Божјо

Денес ја славиме Неделата на Словото Божјо, затоа е посебна прилика да размислиме за нашиот однос кон Светото Писмо и неделните навестувања на Евангелијата.

Светото писмо не само што ги наведува Божјите зборови, туку ги опишува Божјите постапки и дела. Така е и денес. Во срцето на денешниот евангелски текст е описот на Исусовите постапки во синагогата во Назарет.

Најпрво забележуваме дека Исус не седна во задниот ред до вратата или во ќошот на синагогата, туку застана пред заедницата и се вклучи во богослужбата. Тој презеде активна улога на возрасен верник. Стана и се приближи до посебно место каде што се чита словото Божјо. Исус го чита словото Божјо на таков начин што го привлече вниманието на целата заедница. Очите на сите во синагогата беа вперени во него. Откако прочита, седна и одржа проповед. Тој проповедаше на таков начин што слушателите се препуштаа и се восхитуваа на благодатта од неговите зборови.

Денес, во неделата на Божјото Слово, оваа Исусова постапка нѐ повикува да земеме активна улога во богослужбата како читачи на Божјото слово. Важно е за таа служба добро да се подготвиме и Божјото слово јасно да го објавиме на собраната заедница. Исто така, важно е да бидеме активни и како слушатели. Разбирањето зависи од нашата волја да го слушнеме и разбереме прочитаното. Словото Божјо треба да одекнува во нашите уши и во нашите срца.

Денешната постапка на Исус е и порака до проповедниците. Проповедта е плод на оддекот на Божјото слово во животот и искуството на верата на проповедникот. Сепак, проповедникот можеби е најучениот и најискусниот познавач на Божјото слово, но ако заедницата не е живо заинтересирана да слуша, проповедта нема да постигне никакви посебни ефекти. Ако заедницата е заинтересирана, тогаш ни проповедник со говорна мана нема да биде пречка Божјото слово да се објави и да се претвори во правило за секојдневниот живот на верниците.

Да молиме денес за изобилни плодовите од читањето и слушањето на Божјото слово. Нека Господ денес во неделата на Божјото Слово ги стопли нашите срца за да го читаме радосно Светото Писмо, да го разбереме Божјото учење и да го спроведеме во нашите животи.

Ватикан њуз/д-р Ѓурица Пардон/к.мк

Категорија: Колумни

За авторот