Интервју на кардинал Марк Куелет за Осерваторе Романо

Човек на молитва, навестување и сведочење, особено „пастир кој мириса на овците“ односно близок до народот, таков епископ откриваме во учењето на папата Фрањо – истакна кардинал Марк Куелет, префект на Конгрегацијата за епископи во интервјуто за Осерваторе Романо, додавајќи дека Папата во повеќе наврати јасно зборуваше за важните обележја на епископското послание. На прашање каков епископ посакува Светиот Отец, кардиналот рече дека Папата на средбата со членовите на Конгрегацијата за епископи во февруари ова година зборуваше за важните обележја на вистинскиот епископ: епископот треба да биде сведок на Исус Христос, човек на молитва и пастир – рече кардиналот Куелет.

На забелешка дека Папата често сликовито зборува, кардиналот рече дека Папата често се служи со сликовит говор опишувајќи ја епископската служба: епископот треба да мириса на овците, а тоа треба да биде првиот критериум за избор на некој епископ кој нема да се чувствува „благородник“, туку татко и брат; ќе биде благ, милосрден и особено трпелив со своето стадо. Вториот пак критериум е да биде вистински свршеник на една локална Црква, да не копнее за друга; треба постојано да се грижи за своето стадо, што подразбира постојан престој во епархијата – истакна кардиналот.

Освен тоа – продолжи – Папата вели дека епископот треба да биде на чело, во средина и на крајот на стадото. Водејќи го стадото треба да биде на чело; во центарот на стадото, чувајќи го неговото единство, на крајот: внимавајќи некоја овца да не заостане. Тоа е задачата на вистинскиот пастир. Таков пастир е пожелен за да може постојано да бдее над стадото. Бдението исто така е важна пастирска карактеристика, за која што Папата зборуваше. Со други зборови, епископот треба да им помогне на луѓето во својот живот и во животот во светот да ја откријат Божјата присутност и да не подлегнуваат на световната духовност – рече кардиналот Куелет.

На прашање за тоа каква Црква сака Папата, кардиналот одговори дека Папата веднаш по изборот рече: „Би сакал сиромашна Црква, за сиромашни!“ Тоа е предизвикот за сите христијани. И пастирите и христијаните се повикани да се потпираат на Божјата милост, а не на материјалните добра; на милоста на Господ Исус кој бил сиромашен и дојде да им ја навести на сиромашните Радосната вест – истакна кардиналот додавајќи:

Црквата го продолжува Христовото послание. Папата често зборува за мисионерска Црква. Очигледно е дека Црквата поттикнува да се оди кон сите реалности, Христос да се носи до секој човек, а човекот до Христос; да го носи најпрво на сиромашните, без оглед за какво сиромаштво станува збор. Папата сака мисионерска Црква, која нема да се занимава самата со себе, туку ќе биде транспарентна Црква на Исус Христос, Спасителот на светот – истакна кардиналот додавајќи дека тоа е критериум за именување на епископ.

На новинарско прашање за основните критериуми за избор на епископ, кардиналот рече дека епархиите треба да дадат пастири кој ќе вреднуваат и промовираат пасторал во конкретниот живот на луѓето. Во црковните заедници епископите треба да внесуваат нов занес обединувајќи ја постоечката сила, греејќи ги срцата на верниците. Зборувајќи за бразилските епископи по повод Светскиот ден на млади во Рио де Жанеиро, Папата нагласи дека Црквата треба да ги води луѓето во Ерусалим, треба луѓето да ги следат дома каде што се нашите извори: Божјото Слово, катехеза, свети Тајни, заедница, пријателство со Господ, Марија и апостолите – рече тогаш Светиот Отец…

Епископите се повикани – рече кардиналот – со Божја помош во заедницата да внесат мисионерски полет кој ќе ги приближува луѓето до Црквата, „големото семејство во кое сите се добредојдени и каде што се учи да се живее како вистински Христови ученици“, а тоа Папата го истакна на Генералната аудиенција на 25 јуни ова година, потсети кардинал Кулет додавајќи:

Семејното чувство ги потсетува епископите на нивната заедничка одговорност за општата Црква. Транспарентен знак на епископското заедништво е Епископската синода која Папата и вдахна нов занес поттикнувајќи силни заземања на епископите за општата Црква. Друг знак пак е епископската група Советот на кардинали. Членовите на Кардиналскиот совет доаѓаат од целиот свет, а Папата ги избра за да му бидат советници во водењето на општата Црква и во реформирањето на Римската курија. Епископското групирање се гледа преку тие две институции, односно нивната поддршка на Светиот Отец при управувањето со општата Црква – рече кардиналот и наведе и други облици на епископско заедништво, на пример локалните и континенталните Епископски конференции.

На забелешката да се преиспита документот кој се однесува за односите помеѓу епископот и монахот, кардиналот рече дека се настојува да се продлабочи теологијата на каризамата; каризмата треба, според Вториот Ватикански Собор, да го одреди вистинското место во Црквата. Вториот Ватикански Собор учи дека Светиот Дух ја води Црквата и ја обединува во заедништво и во службата, ја облагородува со разни хиерархиски и каризматски дарови. Затоа не може да има спротивности помеѓу хиерархијата и каризмата; тие дарови во посланието на Црквата се надополнуваат – рече кардинал Куелет.

На прашање за идните проекти на Конгрегацијата за епископи, кардиналот рече дека Конгрегацијата освен преиспитувањето на спомнатиот документ, има намера за епископите да организира игнациевски духовни вежби за пасторална и духовна поткрепа на пастирите. Уверен сум дека Конгрегацијата и во иднина во прв ред ќе ги поддржува епископите во нивната служба – заврши на крајот кардиналот Куелет.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот