Авраам, Мајка Тереза и јас

Денес сме тука во оваа катедрала  Пресвето Срце Исусово во Скопје по повод ходочасничкиот ден за Блажена Мајка Тереза. Ви благодариме што ни овозможивте таква прилика, ние од парохиите Свети Иван Крстител од Струмица, Успение на Пресвета Богородица од Нова Маала, од филијалата свети великомаченик Георги од Чанаклија секако и вие кои сте од тука и од други места, да бидеме поклоници на оваа духовна средба.

Имено ќе се потрудам да ви доближам личности кои, мислам дека имале многу сличности меѓу себе, да ги споредам во нивните дела и постапки, а потоа секој од нас да се праша дали може да се поистовети со нив, или барем во нешто да им биде сличен . Споредбата е помеѓу Авраам и Мајка Тереза. Ќе се запрашаме што тие две личности имале заедничко, кога Авраам живеел многу одамна и во други услови, а Блажена Мајјка Тереза во XX век и тоа првично во Скопје, а потоа и на други места.

Авраам е силна, храбра и одлучна  личност, личност која има голема вера  во Бога, а и Бог може да рачуна на Авраам, па затоа му вели: “Излези од земјата своја и од родот свој, и од домот на татка си, па појди во земјата што ќе ти ја покажам Јас. А од тебе ќе направам голем народ и ќе те благословам и името твое ќе го прославам и ти ќе бидеш благословен (1 Мојсеева 12, 1-3).

Гонџа, Агнеса, излези од твојот дом, од твоето семејство, од твојата татковина и по советите на отците Исусовци, оди и пристапи како сестра Тереза во редот на сестрите од Лорето и посвети го животот како мисионерка. Интересно како Бог делува: И тој и таа го прифаќаат Божјиот повик за одење од познато во непознато. Се откажуваат и двајцата од каква таква сигурност и ја прифаќаат несигурната иднина, која е сепак во Божјите раце и над се, што е важно, Бог ја бара човечката соработка. Соработка на човечката доверба и расположение. Во Библијата пишува дека Авраам не знаел каде оди, дури и немал право да праша каде оди! Што мислите во 1928 година кога Гонџа Бојаџиу имала 18 години дали знаела каде оди – кога таа за прв пат излегува и се разделува од семејството. Не. Сигурно не! Но молитвата ја зголемува и охрабрува вербата и тоа верба во Бога. Како што Бог барал од Авраам вера во Божјото водство, на ист начин од Гонџа Бог бара вера под Негово водство. Од Агнеса се очекува да оди во Божја надеж наспроти секоја човечка надеж.

Сега треба да се започне нешто ново, нешто поинакво од досегашното. Авраам разбирал што бара во туѓа земја, но тие што биле со него сигурно не разбирале. Како и Гонџа што го познавала својот повик но тие околу неа, сигурно се прашувале: што е со тебе, зарем она што го имаш овде не те исполнува? Не! Таа е создадена, родена од Бога да биде молив во Неговите раце, да пишува писма со кои ќе ни покаже како Бог нѐ сака и како ние треба да се сакаме еден со друг.

Бог не го зеде сиот народ од месопотамиската цивилизација за да го изведе своето спасоносно дело, туку само еден човек со неговата жена Сара, да создава ново создание и нов свет. Така и при овој случај Бог ја избра сестра Тереза да создаде нови сестри кои ќе бидат на далеку препознатливи со својата специфична облека која се вика Сари.

Нова земја – се исполнува Божјото ветување. Во посланието до Евреите 11, 8-10 свети апостол Павле вели со вера Авраам, бидејќи повикан, послуша да појде до местото, што сакаше да го добие во наследство и тргна, не знаејќи, каде оди. Со вера се пресели Авраам во ветената земја, како во туѓа, и се настани под шатори со Исака и Јакова, наследници на истото ветување, оти тој го очекуваше оној град, што има основи и чиј градител и творец е Бог. Ништо не е отстрането од животот на Авраам: ниту незгодните преселби од место во место, ниту секојдневните грижи околу слугите, околу често нападнатиот добиток од страна на туѓинци, но во внатрешниот однос кон Бога уште повеќе се зацврстил. Верата преку молитвата се зголемила. Авраам не е веќе како вчера. Тој не се промени затоа што сега се наоѓа во нова земја, туку затоа што созреал во својата вера. Ја открил вистинската  мисија.

Зарем не е така со Мајка Тереза. Таа оди во Индија, ја менува својата дестинација, од воспитувачка во училиште, станува воспитувачка на улица, во шатори, на бездомници, меѓу друговерци, кои не го познаваат вистинскиот Бог, кој е жеден за нивната љубов и посветеност. Таа станува мајка на илијадници луѓе. Грижите за секојдневните потреби не се скратени, напротив уште повеќе зголемени – а истовремено и бројот на сестрите се зголемува и таа оценува дека навистина Бог ја повикува токму меѓу најсиромашните од сиромашните. Тука таа ќе созрее во својата вера, во новото поле на Неговото Дело- како знаела да каже –  Тоа е Божјо Дело. Тука не пресушувала чешмата од која течела благодат.

Авраам Му бил послушен на Бог, ги совладувал искушенијата и ги дочекал Божјите ветувања. Мајка Тереза толку верувала во Бога што ништо не правела без да биде согласна со Божјата волја. Бројаницата секогаш и била во рацете, понекогаш и многу бргу ги вртела зрнцата, но само таа и Бог знаеле зошто. Исус живеел во неа. Исус силно делувал преку неа.

Како што Авраам никогаш не го прашал Бога, зошто сега треба така да постапува, навидум делува незаинтересирано – така и Мајка Тереза секогаш нејзините очи гледале да ги усогласи со Божјите очи, нејзиниот разум со Божјиот разум, својата релативно слободна волја со Божјата апсолутно слободна волја.

Еве и ние би требало така да соработуваме во верата за да ја подготвуваме својата иднина и спасение. Всушност на таков начин и расте нашата вера, оплеменета со добри дела, или со дела на милосрдието, како ќе треба да продолжиме во оваа јубилејна година на милосрдието.

Бог предвидел нешто ново со Авраам по доаѓањето во ветената земја. На ист начин и со Мајка тереза предвидел, за да може таа да отиде по цел свет и да ги бара душите кои имаат повеќе потреба од љубов, отколку од леб.

Трите религии се потпираат на Авраам: евреите, христијаните и муслиманите. Евреите и муслиманите гледаат во него свој физички предок: првите преку Исак, а вторите преку Исмаил. Христијаните пак гледаме во него духовен татко, праотец на верата. А Мајка Тереза на колку вери и нации е Мајка, би се рекло дури повеќе од Авраам: и на христијани, евреи, муслимани, хиндуси и на безброј луѓе кои се секојдневно во нивните куќи каде тие се грижат за потребите на напуштениот Исус во тие луѓе. Затоа сме благодарни што и ние како парохии од Апостолскиот Егзархат сме вклучени во таа ходочасничка мисија, каде сакаме да допринесеме со нашите скромни молитви за забрзување во издигнување на Мајка тереза на Божјиот олтар. Амин.

о. Спасо Ристов

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот