ПАСТОРАЛНО ПОСЛАНИЕ НА БИСКУПОТ СТОЈАНОВ ЗА ПОДГОТОВКА НА ПОСЕТАТА НА СВЕТИОТ ОТЕЦ, ПАПАТА ФРАЊО

ПАСТОРАЛНО ПОСЛАНИЕ НА БИСКУПОТ СТОЈАНОВ ЗА ПОДГОТОВКА НА ПОСЕТАТА НА СВЕТИОТ ОТЕЦ, ПАПАТА ФРАЊО

„Не бој се, мало стадо“ (Лк 12,32)

До свештенството, монаштвото и Божјиот народ на Скопска бискупија и Епархијата Успение на Пресвета Богородица во Струмица-Скопје

Драги браќа и сестри,

Ве поздравувам со поздравот на свети апостол Павле: „Благодат и мир вам од Бога, Отецот наш и од Господ Исус Христос!“ (Фил 1,2). Со голема радост и одговорност ја започнуваме најблиската подготовка на размислување и молитва за благословено Апостолско патување на  папата Фрањо, кој доаѓа во пасторална посета на Католичка заедница во Македонија на 7 Мај оваа година. Свесни сме на онаа парабола од Евангелието за сејачот. Исус лично даде толкување на таа парабола (Мт 13,18-23). „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки“ (Мт 13,37). Тоа што паднало покрај патот, го носи лошиот дух за да не поверува во Словото… Тоа, што паднало на каменито место, веднаш изникнало, воодушевило, но бидејќи немало корени, кога настанале тешкотии, се поколебало и исушило. Тие што паднало во трње се оние што го примаат Словото, но секојдневните временски грижи, задоволството и богатството, го гуши Словото и тоа останува без плод. А тоа што паѓа на добра земја се тие што го слушаат Словото и го разбираат и според него живеат. Тоа донесува богат род, еден сто, друг шеесет, а трет триесет.

Сега, браќа и сестри, во времето кое е пред нас, ни претстои сериозно да се зафатиме со работа за да ја исчистиме и подготвиме земјата на нашите срца, на нашите животи, за пасторалната посета на Светиот Отец во нашите срца и заедници да донесе што поголем род. После Апостолските времиња ова е прва посета на Апостолот – Петровиот наследник и поглавар на Католичката црва на нашата Татковина. Не ни е познато (не е забележано) по кој пат некои од Папите од Стариот век патувале во Цариград. Но, на тие патувања не доаѓаа кај нас и не беа во Пасторална посета на нашата Црква. Ова е сега прва таква посета – и колку и да е кратка – таа е многу важна што Петар на нашите денови ги посетува своите верниците за “да ги утврди во верата”. Ова е навистина еден вид на Каирос – Поминување Господово, што со збор, пример и молитва ќе биде настан на верата за нашата помесна Црква. Затоа треба да бидеме свесни на вистината „дека е важен оној кој сее, дека е важен оној кој ја обработува земјата, но дека е најважен оној КОЈ ДАВА ДА РАСТЕ, а тоа е БОГ“.

На прво место, всушност, е молитвената подготовка. Молитвата до Светиот Дух, застапништво на Блажена Дева Марија, нашите свети застапници, пред сѐ света Мајка Тереза, нека ни се напомош за да ги отвориме сесрдно своите срца кон сето она што Бог има намера да ни дарува по повод оваа Апостолска посета. Колку е до нас, со Божја помош, треба да станеме чиста подлога – обработена нива за прием на Божјото Слово. Нашата молитва до Господа Бога во исто време е упатена и за Светиот Отец. Ниту најмалку не е лесно на негови години толку динамично, сесрдно, сеопфатно да се биде на чело на Универзалната црква како скромен пастир кој е свесен на Исусовите зборови: „дека не дошол да му се служи туку да служи и животот свој да го даде за многумина“. Неговото доаѓање се случува во нестабилни времиња на историјата на секогаш „турбулентниот Балкан“. Секојдневно да молиме, Божјиот Дух да ги води сите луѓе со добра волја во нашата Земја без оглед на верската, национална, политичка припадност или светоглед, оваа посета да ја доживеат како знак на надеж и придонес на мирот и општото добро за секој граѓанин на оваа земја. Нека оваа посета на папата, Апостол на мирот меѓу луѓето ни биде на сите нас на поттик и охрабрување, и покрај секоја различност да можеме да живееме во слога, мир и активна соработка или за напредок на нашата Татковина. Сите тие големи надежи, искрени желби ќе се случат само тогаш ако ние – верниците – искрено и скромно знаеме да ги измолиме од Добриот Бог, Отец и дарувател на сите добра. Голема е нашата лична, но и заедничка одговорност за плодовите на оваа посета. Овде ги поттикнувам посебно нашите болни, страдалници, немоќни и возрасни.

Браќа и сестри, сега е време да се уверите дека вашата молитва придружена со прикажување на вашите страданија станува највреден придонес и највредна помош за да донесе Апостолската посета на Светиот Отец што подлабоки и зрели плодови на верата и обновување на секое подрачје од нашиот духовен живот. Потребни сте на Црквата, потребни сте на ова општество, потребни сте на вашите најмили, бидејќи придонесот што можете да го дадете вие, не може никој од нас…

Драги браќа и сестри, како гесло за посетата на Папата ја избравме реченицата од Евангелието според Лука, што Исус ја изговори до своите ученици: „Не бој се, мало стадо“ (Лк 12,32). Зошто токму тоа? Библиските студии покажуваат дека овој стимул “Не плаши се …” во Библијата е запишан 365 пати. Што значи, за секој ден Бог ни довикува: Не плаши се! Кога свети Лука во своето Евангелие ги носи овие зборови, Исус говори за Божјата Провидност. Ги охрабрува своите ученици – првата Црква, за своја доверба целосно да ја стават во Бога. Да не бидат ожалостени, загрижени, малодушни како оние кои немаат надеж или што мислат дека само она останува или она вреди што самите го прават. Не, Бог е Отец, што се грижи за сѐ што е создадено, а Учениците – Црквата ја праќа да ја навестува Радосната вест на спасението. Меѓу  луѓето да посредува спасение. Мачнотијата, овоземските грижи, стравот се противници на слободата на Божјите деца. Ослободување, слобода не може да се навестува – посредува ако не сме слободни, ако сме преполнети со грижи и стравувања за денес и утре… Нашата сигурност е довербата во Бога „кој се грижи“. Како пример Исус говори за „полските лилјани“ за „птиците небески“ за сѐ што толку совршено живеат и го слават Бога. Нас нѐ охрабрува и покажува дека сме далеку повредни од сѐ што е создадено. Ако е така, тогаш нашиот страв за денес или за утре, или претераната грижа за овоземските работи е неоснован. Тој тогаш е пречка на нашата радост во верата и нашата соработка со Бог. А што е човекот верник ако не „Божји соработник“ во градењето на светот според Божјата мерка за човекот? Бог е љубов и нема место за страв, но основен услов на љубовта е довербата! За жал, живееме во време кога довербата ја губи својата исконска смисла и заради тоа сакаме да се обновиме во верата: да бидеме полни со надеж во Божјата Провидност и соработници Божји. Сакаме нашиот живот да не биде „бесцелно трчање во натпреварувањето на светот“, туку да живееме во мир, во разбирање и чесност, свесни дека Бог и денес ја води нашата историја која „забрзано трчи“, а, сепак, е во Божји раце. Пораката и сега сака да ни го каже тоа: „Не бој се… и тоа за секој ден во годината.

Конечно, браќа и сестри, поимот „мало стадо“, исто така, има силна порака. Тој поим е омилен пророчки израз со кој се нарекуваше Божјиот народ во Стариот завет. Навистина, ако малку се потсетиме на библиската историја ќе останеме изненадени од фактот како тој – навистина мал Народ – во сред големите и моќни цивилизации, е носител на факелот на Божјата објава до Исус Христос, Кој сам конечно го објави Бога на “сите народи на светот“. Кога ќе се потсетиме на Калдејската, Египетската, Асирската, Грчката цивилизација, дури и оние од Далекиот Исток, останува зачудувачки факт што може да се сфати само од аспект на верата, а тоа е ВЕРСКА сила на тој навистина „Мал народ“. И уште нешто. Овој “Мал народ” во својата историја го памети терминот “ОСТАТОК”. Имено, секогаш кога внатре во заедницата ќе се појавило отпадништво „од верата на Татковците“, Бог „допушта  прогонство“ скоро до уништување. Тогаш тој „остаток“ како квасец или нова фиданка на старо стебло презема одговорност на пренесувањето на Божјото слово на новите генерации. Така авторот на посланието до Евреите го започнува својот запис: „многупати и на многу начини им зборуваше на нашите предци преку пророците; конечно, во последните денови, ни прозбори преку Синот…“ (Евр 1,1). Исус во Евангелијата за Царството Божјо говори за синапово зрно… за квасецот… градот на гората… за изгубената драхма…, за светлината на светот… Што значи не во категории на „Големо…“ низ историјата на Новиот завет ја гледаме Црквата во многу примери како семе, квасец, зрно… препознаваме дека битен е квалитетот. Не колку нѐ има, туку какви сме – милуваше да каже папа Бенедикт XVI. Нека и на нас не ни се замери што и ние католиците од Западен и Источен обред во Македонија се препознаваме „како мало стадо“ и што сакаме да ги разбереме Исусовите зборови дека – во овие околности денес – и до нас се упатени. Со оваа Апостолска посета на папата Фрањо, сакаме да го доживееме „Петар на нашите денови, како ги утврдува своите браќа во верата“.

Драги браќа и сестри, подготовката е толку важна што без неа и самиот настан може целосно да ја изгуби својата смисла, пред сѐ, како настан на верата. Но со молитвата е исто така важно да се обновиме и самите во верата. Посебно во верските вистини за Црквата. Ние сме Црква. Таа вистина треба да ја оживееме во нашата свест и совест. На средбите по парохиите и заедниците сакаме да размислуваме и разговараме за теми што ја оживуваат нашата помесна Црква за да може да одговори на предизвиците на времето во кое живееме. Црквата е жив организам, а Исус Христос е оној кој посредува и на оваа генерација. Христос и денес преку Црквата се објавува на јазик и начин на кој современиот човек може да го разбере. Сведоци на тоа треба да биде нашиот говор, нашето познавање и сведочење Христово. Највозвишеното сведочење на кое Исус не повикува е сведочењето на взаемната љубов. Нека секое наше семејство и заедница, секое наше собирање биде пригода за раст во искрени односи, во слушањето, помирувањето, во вежбањето на трите магични зборови: благодарам, молам, прости. Нека нашето заедништво биде најубавиот дар на Светиот Отец. Ќе се потрудиме, повеќе од било кога – во оваа време на подготовки – да подготвиме „плодна подлога“ за прием на посланието што нам преку личноста и зборовите на Светиот Отец ни ги упатува Бог.

Да молиме за даровите на Светиот Дух. Да молиме за сила, секој од нас да може од себе да даде најмногу што може за да како заедница уште повеќе станеме  Знак на надежта на нашето време. Да молиме за организаторите, за државните водители и конечно, браќа и сестри, да молите за своите пастири и мене кого Бог, дури и невреден ми подари милост да бидам домаќин на Светиот Отец.

Нека сите вас ве благослови Семоќниот +Отец + Син + и Светиот Дух!

Ваш во Христа!

+ Киро Стојанов, бискуп скопски и епарх струмичко-скопски

Скопје, 25 јануари 2019, Празник „Обраќање на свети апостол Павле“.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот