Папата Фрањо: Бесплатно добивте, бесплатно давајте!

Ватикан, 11.6.2013 /к.мк/ – Евангелието треба да се навестува понизно и одлучно: тоа го посочи папата Фрањо на света Литургијата во вторник 11 јуни во капелата на домот Света Марта. Сведоштвото на сиромаштијата во Црквата, истакна Светиот Отец, не спасува од тоа да сме само обични работници. Кога сакаме да ја направиме Црквата богата, таа „старее“, „нема живот“.Литургијата која Светиот Отец ја служеше заедно со архиепископот Герхард Лудвиг Милер учествуваа и свештеници и службеници од Конгрегацијата за доктрина на верата.

„Не носете во појасите ваши ни злато, ни сребро, ниту бакар“ (Матеј 10,9). Папата Фрањо ја започна својата проповед, поаѓајќи од охрабрувањето кое Исус го упати до апостолите избрани да го навестуваат Царството Божјо. Навестувањето Господ „сака да се прави понизно“, рече Светиот Отец. „Понизност, што остава простор за силата на Словото Божјо“, бидејќи ако апостолите немаа „доверба во Словото Божјо“, можеби „ќе работеа некоја друга работа“. Папата Фрањо ги посочи клучните зборови во заповедта на Исус: „бесплатно добивте, бесплатно давајте“. Сето тоа е благодат, додаде и „кога ја оставаме благодатта настрана, тогаш Евангелието нема сила“:

Навестувањето на Евангелието се раѓа од неговата бесплатност, од чудењето за спасение кое доаѓа и она што сум го примил бесплатно, мора да го предадеме бесплатно. Уште од почетокот апостолите го вршеа тоа. Свети Петар немаше сметка во банка и кога требаше да ги плати даноците, Господ го испрати да лови риба во морето и да го најде внатре во рибата решението на проблемот, за да плати. Филип, кога го сретна министерот за финансии на царицата Кандакија (Дела, 8,27), не помисли: „Добро, сега ќе направам организација, за да го подржиме Евангелието …“ Не! Тој не „преговара“ со него: му навестува, го крсти и си оди“.

Царството Божјо, продолжи „е бесплатен дар“. Уште од почетокот на христијанската заедница, истакна Папата, ова однесување е предмет на искушение. Постои „искушение силата да се бара на друго место“, а не во дарот, додека пак „нашата сила е во бесплатниот дар на Евангелието“. „Ова искушение продолжува и денес во Црквата“, истакна Светиот Отец. Тоа ја создава „познатата конфузија“, бидејќи на овој начин „навестувањето станува прозелитизам и не напредува“. Господ, додаде „нѐ испрати да навестуваме, а не да бидеме прозелити“. Цитирајќи го Бенедикт XVI Папата истакна дека „Црквата не расте од прозелитизмот, туку од својата привлечност“. Таа привлечност, се раѓа од сведоштвото на „оние кои бесплатно добија и бесплатно го подарија дарот на спасението“:

„Сè е благодат. Сè. А кои се знаците дека апостолот го живее овој дар? Има многу кои постапуваат така, но ќе цитирам само два случаја: првиот, сиромаштијата. Навестувањето на Евангелието треба да оди по патот на сиромаштијата. Сведоштвото за таа сиромаштија: немам богатства, моето богатство е само дарот што го добив, Бог. Овој дар е нашето богатство! Оваа сиромаштија нѐ спасува од наше трансформирање во организатори, претприемачи … Делата на Црквата треба да бидат претставени. Некои од нив се малку комплицирани, но преку срцето на сиромаштијата, а не преку срцето на инвестициите или претприемаштвото!“

„Црквата – додаде – не е невладина организација: таа е нешто друго, многу важна и се раѓа од овој бесплатен дар. Добива и дарува“. Сиромаштијата, рече Папата, „е еден од знаците на овој дар“. Друг знак, рече папата Фрањо, „е способноста за славење: кога апостолот не го живее тој дар, тој ја губи способноста да го слави Господа“. Славењето на Господа „е сосема бесплатно, тоа е една бесплатна молитва: не бараме, само славиме“:

„Тоа се двата знака дека апостолот го живее овој дар: сиромаштијата и славењето на Господ. А кога ќе сретнеме апостоли, кои сакаат да изградат една богата Црква и Црква без дарот на славење на Бог, тогаш Црквата старее, станува една невладина организација, нема живот. Да побараме од Господ благодат за да го препознаеме овој дар: „бесплатно добивте, бесплатно давајте“. Да одиме напред во евангелската проповед со овој дар“. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<