Папата на Педесетница: Дејствувањето на Светиот Дух е новост, хармонија и мисија

Ватикан , 19.5.2013 /к.мк/ – Христијаните треба да го поразат стравот, да излезат надвор од шемите и сигурноста и да се отворат кон хоризонтот на Бог, оставајќи ги настрана „себичноста, исклучителноста и паралелните патишта кои водат кон поделба“. Овој повик го упати Папата во проповедта на светата Литургија на Педесетница, која ја служеше во недела 19 мај на плоштадот Свети Петар преполнет со 200 илјади поклоници и учесници на Денот на црковните движења, новите заедници и здруженија во склоп на Годината на верата. На олтарот заедно со папата Фрањо сослужуваа 70 кардинали и епископи и над 400 свештеници.

Папата го посвети своето размислување на слегувањето на Светиот Дух меѓу апостолите, собрани во Ерусалим (Дела 2 ,1-11), испратен од Воскреснатиот Христос и кој ќе се распространи врз Црквата и целиот свет. Три важни елементите го изразуваат дејството на Светиот Дух, кој ја „ослободува својата незадржлива динамичност со неочекувани резултати“, рече Папата: новост, хармонија и мисија.

Сите се опфатени од јасните и конкретни знаци на Светиот Дух, рече Папата: „шум од небото, во вид на силен ветер“, „огнени јазици кои се поделуваат“ и сите почнуваат „да зборуваат на различни јазици, како што Духот им дозволуваше да зборуваат“. Сето ова е новост, но ние дали сме подготвени за тоа? – праша Папата:

„Новото секогаш малку нè плаши, бидејќи се чувствуваме посигурни ако држиме сè под контрола и ако го програмираме и градиме нашиот живот, според нашите шеми и вкусови. „Истото се случува и со Бог – појасни папата Фрањо. Го прифаќаме и Го следиме, но донекаде; тешко ни е да Му се довериме докрај, оставајќи Светиот Дух да го исполни и води нашиот живот и избор“.

„Се плашиме Бог да нѐ поведе по нови патишта и нè изведе од нашиот ограничен хоризонт и да ни открие Негови хоризонти“ – истакна Папата. Но тоа не е новост заради новото во стремежот да се излезе од досада, како што често се случува денес. Новото што Бог го внесува во нашиот живот е она што навистина ќе нѐ реализира, ќе ни донесе вистинска радост и мир, бидејќи Бог нè љуби и го сака нашето добро“.

„Подготвени ли сме за Божјите изненадувања? – продолжи Папата или ќе се затвориме пред новоста на Светиот Дух? Дали храбро ќе одбереме да тргнеме по нови патишта, кои Бог ни ги нуди или ќе останеме затворени во расипливи структури кои ја имаат изгубено способноста за гостопримство? Ќе биде добро секој ден да си ги поставуваме овие прашања“, истакна Папата.

Иако со своето дејствување Светиот Дух внесува безредие во Црквата преку различните дарови на харизма – објасни Папата Бергољо – сепак тоа е големо богатство, бидејќи Тој е Духот на единството, што не значи униформност туку хармонија. „Само Тој може преку различноста и плурализмот истовремено да создава и единство“.

„Дури и кога сакаме да бидеме различни и се затвораме во нашите особености и нашата посебност, носиме поделба – рече Папата – а кога сакаме да создадеме единство според нашите човечки планови носиме униформност и единство“.

„Да одиме заедно, водени од црковните пастири, кои имаат посебна харизма, тоа е знакот на дејството на Светиот Дух“, потсети папата Фрањо. „Црквата е таа која не води кон Христос. Паралелните патишта се опасни!“. Оттука и предупредувањето: „не треба да се излегува надвор од црковното учење и црковната заедница!“.

Светиот Дух е душата на мисијата, рече при крајот Папата. „Тој нè воведува во тајната на живиот Бог и нè штити од опасноста за една гностичка и автореференцијална Црква, затворена во својот двор“. „Педесетница во Ерусалим е почеток, што продолжува. Папата заврши со прашањето: „Да се запрашаме дали сакаме да се затвориме во себе и во нашата група или да оставиме Светиот Дух да нѐ отвори за мисијата? Потсетувајте се на денешните три збора: новост, хармонија и мисија“.

Пред да ја измоли молитвата Царице Небеска, папата Фрањо им се заблагодари на сите црковни движења, здруженија и заедници: „Вие сте дар и богатство за Црквата! Разнесувајте ја секогаш силата на Евангелието! Не плашете се! Задржете ја радоста и страста за заедништво во Црквата! Нека воскреснатиот Господ биде секогаш со вас, а Дева Марија да ве заштити!“ (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

Your e-mail address will not be published.
Required fields are marked*