Богомладенецот те чека и овој Божиќ

Богомладенецот те чека и овој Божиќ

Што значи денес да се слави Божиќ? Дали Божиќ можеби го доживувамe само надворешно, традициски, со бројни ритуали и обичаи, за кои и самите не сме размислувалe, ниту пак знаеме што означуваат. Или пак можеби Божиќ има некое посебно место во нашите животи, го очекуваме со отворено срце и радост празникот на љубовта Божја, кога Словото стана Тело за да донесе мир на земјата, а со тоа и мир во нашите животи, семејства. За да се одговори потребно да се исклучиме од секојдневната бучава, да си земеме време и во молитва и тишина да му дозволиме на Господ да ни зборува со евангелските зборови за Рождеството Христово.

Дали сум се запрашал што сака Христос да постигне со неговото овоплотување, со неговото доаѓање на земјата, без притоа да ги истакнуваме оние вообичаените фрази со желби за мир, здравје, благосостојба, бериќет, среќа…. Сите тие желби се убави, но дали Богомладенецот сака да го земениме само со нашите минливи, надворешни потреби или пак Тој бара од мене нешто поконкретно од убава бадникова вечера, разни надворешни ритуали….?

Има две страни на Божиќ, надворешна и внатрешна. Денешните христијани се повикани да го пронајдат патот кој води од надворешниот Божиќ кон внатрешниот.

„Надворешниот“ Божиќ, сите тие надворeшни обичаи и традиции, нѐ поттикнува на размислување за „внатрешниот“ Божиќ, оној Божиќ во кој ќе бидам свесен дека Христос се раѓа во мојот живот духовно и егзистенцијално. Од голема важност е да си го поставиме прашањето: Дали има место за Господ во мојот живот или пак тоа место многу порадосно го давам за некои други надворешности, секојдневни грижи, обврски, желби… и ќе продолжам да го славам надворешно….

Треба да знаеме дека Бог размислува поинаку за нашите потреби, тој има поинакви планови со нас. Иако можеби за нас постојат попримамливи работи од овој свет, можеби се сметаме за недостојани за Него, можеби премногу слаби и нестабилни, сепак, Тој е постојан, па така и денес, како и пред повеќе од две илјади години, Тој сака да се роди токму во нашата „витлеемска пештера“ во нашето камено и „ладно“ срце.

Но за да се случи вистинскиот Божиќ, тој треба да се роди во нас, а за тоа е потребно да направиме „попис“ на нашиот живот, да извлечеме биланс за тоа дали вооопшто има место за Него во мојот живот.

Затоа треба да му дозволиме, треба ширум да ја отвориме вратата на нашиот живот и срце за да се преобрази нашето камено и ладно срце во срце од месо, срце кое ќе има чувство за ближниот и сeмејството, кое ќе размислува и за небесното и  неминливото. Така ќе можеме да станеме место за средба и за мудр(ец)ите и едноставните пастири. Тогаш ќе може да стопли и други и да навести за љубовта која Бог ја има кон секој. Само тогаш Божиќ ќе има смисла и за нас. Само тогаш ќе стане празник на внатрешно раѓање, нов живот што започнува.

Затоа Христос и оваа година повторно те повикува на заедништво со Него, да погледнеш во Витлеемската пештера, во неговата Црква, каде повторно ги подава своите раце за да ти прости во светата Исповед за сите свесни и несвесни гревови, слабости, пропусти и сака да го подигнеш кон себе за да го внесеш во својот живот преку светата Причест. Богомладенецот те чека и овој Божиќ и „ако се забави, чекај го, оти ќе наиде и нема да забави. Оној што иде, ќе дојде“ (Авакум 2,3).

Христос може да се роди безброј пати, но залудно е ако не се роди во нас!

к.мк/о. Гоце Костов

 Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот