И денес, штом ги отворив очите, поспано ја разгледав насловната страна на фејсбук. Подароци, цвеќиња, чоколади, романтични вечери, срца, срца и уште малку срца. Љубовта пука на сите страни. Не ми треба многу за да сфатам кој датум е денес, 14 февруари – свети Валентин.
Денот кога луѓето што се сакаат и тоа јавно и гордо го искажуваат и го ставаат под носот на целиот виритуелен свет. Не, не сум огорчен соло играч, напротив сум вљубена во таа Љубов, колку и таа некогаш да изгледа далечна и нереална во овој материјален свет на лажни и изопачени вредности. Но денешниот ден никогаш не ми бил посебно омилен. Не поради денот, кој многу пати е прикажан како клишезиран, исфорсиран и патетичен, туку поради луѓето и нивните погрешни перцепции за тој ист ден.
Ја листам насловната и понатаму… Гледам вљубена слика на парот кој малку го познавам. Него го видов неодамна во клуб со некоја друга девојка, па си претпоставив дека прекинале. Но гледај чудо, плишано мече, држи милка во рацете и тие делуваат како да се сакаат најмногу на светот. Тие се оние парови кои живеат од 14. Февруари до 14. февруари. Кои живеат за лајковите од обожавателите, завидливите погледи и привидната љубов. Глупост. Љубовта не е таква. Љубовта не ги заведува другите девојки по ноќните кафулиња и не ја оправдува лагата на измамите. Љубовта не знае за тоа, ако бидеме реални. Но нека им биде.
Ја вртам насловната понатаму… Девојката пишува статус за тоа како славењето на свети Валентин – како ден на заљубените е обична американизација и комерцијализација и како на неа не и требаат подароци за да знае дека нејзиниот дечко ја сака. Се сложувам. До некаде. И сигурно дека љубовта не се покажува со 24 – каратни ланчиња и дека не се купува со пари. Но овој ден бара само мал знак на внимание. И обично „те сакам“ напишано со шминка на огледалото во тоалетот или набрано цвеќе од градината со порака не чини ништо, а значи многу. (…)
Зошто луѓето погрешно ја прифаќаат поентата на денешниот ден? Зошто толку ги презираат оние несреќните во љубовта, а толку форсираат и нагласуваат оние вљубените?
Ќе ви кажам една работа, која не е поврзана само за денес, туку за секој ден. Не верувајте во вљубените слики на фејсбук, на срцата кои немаат врска со љубовта и романтичните вечера. Не верувајте на светот кој ве уверува дека е сѐ така како што изгледа. Дека можете да добиете сѐ, а за возврат да не дадете ништо. Кој ве уверува дека онаа вистинска, искрена и чиста љубов не постои? Дека мора да бидеш себичен и безкомпромисен, за да дојдеш до посакуваната цел. Занемарете го тоа. Затоа што сѐ она во што верувате и понатаму постои. Но, не можете да барате искреност и доверба со прстот во џеб. Со прстите во срцето. Тоа така не оди. Бидете искрени, па и таа иста искреност ќе ја добиете. Сакајте, па така таа иста љубов ќе ја добиете. Не се воздигнувајте гордо над љубовта затоа што на тој начин само уште повеќе ќе се спуштате. Постојат многу несреќни љубови. Сѐ сте дале, ништо не сте добиле. Напротив, сте добиле болка. Постојат многу неизкажани љубови кои се чуваат во срцето, кои се најтивки, а сепак најгласни. Постои причина зошто не е време да се остварат. Постои причина зошто љубовта понекогаш оди кај другите луѓе и исчезнува од вашите животи. Но, и покрај сѐ и во суштина, љубовта е најубавата работа на светот. И додека сите останати работи на светот се просечни, љубовта е единствената работа која е над сѐ. Над 14 феврури, над подароците замотани во евтин целофан. Над лагите и измамите. Над сите зборови на луѓето што ги изговараат тој ден. Над животот.
Токму затоа – сакајте се секој ден, а празникот свети Валентин нека биде само причина повеќе да искажете дека ви е грижа. Со ситниците. Со малите знаци на внимание. Претерувајте во љубовта. Секогаш. Но, не претерувајте во денешниов ден, оставете малку за себе и за остатокот од годината. И никогаш немојте да се откажете од вистинската љубов. Затоа што таа постои, без оглед на тоа што светот ве уверува на спротивното. Постои.
Магдалена Марџетко/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк