По повод дваесеттиот голем јубилеен настан во рамките на Светата година 2025, на 14 и 15 јуни, плоштадите на Рим ќе бидат исполнети со спортисти – професионалци и аматери – тренери и спортски работници. Централниот настан е светата Литургија со Папата, која ќе ја служи во недела, 15 јуни, во 10 часот во базиликата Свети Петар.
Прослава на надежта преку спортот
Во сабота и недела, 14 и 15 јуни, ќе се одбележи Јубилејот на спортот, дваесеттиот голем настан во рамките на Јубилејната година 2025. Илјадници спортисти од различни дисциплини – професионалци и аматери – заедно со нивните семејства, тренери и управители на спортски здруженија, ќе пристигнат во Рим од сите делови на светот.
Овој јубилеен настан беше презентиран на прес-конференција во Прес-службата на Светиот Престол. Кардинал Жозе Толентино де Мендонса, префект на Дикастеријата за култура и образование, истакна дека „спортот создава надеж“ и ги нарече спортистите не само шампиони, туку пред сè – занаетчии на надежта.
Програма на настанот
Собирот ќе започне во сабота, 14 јуни, со отворање на „Спортското село“ на Плоштадот на народот (Piazza del Popolo), од 9:30 до 18:00 часот. До 16:30 часот ќе трае и „Фестивалот на спортот“ – настан со бесплатен влез, каде деца, млади и возрасни ќе имаат можност да играат различни спортови преку практични демонстрации и да се информираат за многу спортски дисциплини.
Овој дел од програмата, кој ќе содржи повеќе штандови и активности, е организиран од Олимпискиот комитет на Италија (CONI), заедно со спортски федерации, здруженија, организации за спортска промоција и признати спортски институции. Ќе учествува и делегација од Здружението „Спорт во Ватикан“ (A.S.D. Sport in Vaticano).
Потоа, во 16:45 часот, на истата локација ќе се одржи тркалезна маса со наслов „Спортот раѓа надеж“, модерирана од новинарот Масимо Проието, заменик-директор на Rai Sport. На дебатата ќе учествуваат: Фелипе Маса, поранешен возач на Формула 1; Гордон Хејворд, НБА кошаркар; Дамијано Томаси, поранешен фудбалер и актуелен градоначалник на Верона; Пино Мадалони, олимписки шампион во џудо; Џулија Гирети, параолимписка шампионка, и Катерина Банти, олимписка шампионка во едрење. Сите ќе имаат директен дијалог со публиката.
Поминување низ Светата врата и Света Литургија со Папата
Околу 18:00 часот, по заедничка молитва, присутните ќе започнат ходочестие од Плоштадот на народот до базиликата Свети Петар, со заеднички премин низ Светата врата. Рутата ќе поминува низ улиците Виа дел Корсо, Виа Томачели, Понте Кавур, Плоштадот на судовите, Плоштад Пија и Виа дела Кончилијазионе.
Јубилејот на спортот ќе заврши во недела, 15 јуни, во 10:00 часот, со Света Евхаристија, која ќе ја предводи папата Лав XIV во базиликата Свети Петар, а не на плоштадот, како што првично беше најавено, поради очекуваните високи температури. Влезот ќе биде слободен, со ограничен број места.
Ватикан њуз/к.мк