Месец јули е месец во кој многу можеме да научиме за природата. Тој е месец на жетвата и на голема топлина. (…)
Ова е време кога многу луѓе планираат или веќе заминале на годишен одмор. Секако, на човекот му е потребен одмор. Посебно после напорна работа и различните предизвици кои ни ги донесуваат секојдневниот живот. За едно сум сигурна, јули е месец на големо олеснување за учениците. Школската година е завршена и сега се на заслужен одмор. Тие кои завршиле основно училиште размислуваат за избор за продолжување со образованието, во кое училиште ќе се запишат, дали имаaт доволно бодови… Ете, дури и тие размислуваат за својот повик, за она што што ќе станат, кое ќе биде нивното звање.
Но, Исус ме учи дека за вистинскиот одмор не се клучни ниту морето, ниту реките, ниту планините. Не е клучно ниту тоа дали воопшто некаде ќе отпатуваме. Ме учи дека оној вистинскиот одмор го дава токму Он. И тоа тогаш кога ќе се помириме со Него во светата Тајна Исповед, кога ќе му ги предадеме своите товари, слабостите, гревовите. Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.” (Мт 11, 25-30)
О, колку е голем тој дар, да имаме Спасител кој нѐ повикува да му ги предадеме своите товари. На нас понекогаш ни е толку тешко да ги носиме и своите, а камоли да ги преземаме и уште и туѓите товари. Но, она што го учиме од овие зборови е тоа дека вистинскиот одмор не може да биде разделување од заедништвото со Него. Токму времето за годишните одмори е вистинско време да се одмори и обнови душата и духот и телото. На годишниот одмор имаме време, само е до нашата одлука, така да го организираме времето и содржините, за да има место и за рекреација и за духовни содржини.
Ние во нашето семејство го започнуваме секој годишен одмор со мала духовна обнова. Без разлика дали се работи за темелна исповед или престој во некое духовно опкружување, мало ходочастие. Ако сум оптеретена од различни грижи, тогаш не можам да го дадам ниту приближно сето она што му е потребно на моето семејство, на мојот сопруг, на луѓето кои ме опкружуваат. Исто така и ако не сме помирени едни со други, ако имало кавга или неразбирање. А тогаш ниту јас не сум среќна. Затоа навистина е многу добро на почетокот на годишниот одмор да дозволиме Исус да ги земе сите наши товари. Исповедилницата во таа смисла, малку и да се пошегувам, е оној вистинскиот хотел со пет ѕвездички во кој треба да влеземе во кој ќе го пронајдеме Господ и Неговото милосрдие и помирени со него да го започнеме нашиот одмор.
Сега конечно сите сме заедно, после сите оние различни обврски на кои сме се распрснале во текот на годината, па ова време е идеално за обнова на семејното заедништво. Многу ни значат тие моменти на опуштеност, игра, заеднички прошетки, разговори. Секако, потребно е многу од тоа да се испланира и меѓусебно да се договори, за на сите да им биде навистина убаво. Договорот околу поделбата на работите и обврските, разговорот за нашите очекувања, желби, потреби.
Крешо и јас токму на годишните одмори сме знаеле да добиваме нови импулси и мотиви за нови проекти или активности во областа на евангелизацијата. Често размислувам за Исусовите зборови за жетвата која е многу голема, а работниците се малку. Не рекол дека се малку свештениците, туку работниците. Мислел на секого од нас. Потребен му е секој од нас, баш секој од нас затоа што на секој од нас му дал таланти и одредени способности кои можат да бидат за градење на заедницата. Свети Павле така зборувал за различните дарови и служби кои ги имаме во Црквата, споредувајќи ги со деловите на едно тело, Христос. И таа слика за Црквата како заедница која има неизмерно богатство, со сите оние наши различности, способности, таленти одново ме повикува да се преиспитам кое е моето место во сето тоа, што можам и треба да го дадам, да го дарувам.
Затоа ова време на годишни одмори не го доживувам како исклучиво опуштање „пуштање на мозокот на пасење“, лежење на плажа, шетање или рекреција, туку и за размислување за тоа што ново можеби сака Господ да започне со нас или нас за нешто да нѐ искористи во своето лозје. Да се обидеме да бидеме слободни од сѐ што моментално работиме, да не се наврзиме на било што, за да можеме да слушнеме или да препознаеме можеби и нови иницијативи. Се сеќавам и на една анегдота која му се случила на мојот сопруг, токму на една духовна обнова на која бил. Откако долго време се мачел со барање одговор на прашањето кои од двата ангажмани, со кои во тој момент се занимавал треба да ги остави, а кој да го задржи, духовникот го прашал зошто мисли дека Господ воопшто сака нешто едно од двете. Му кажал во молитвата да бара одговор и да биде отворен и за нешто трето, за да ги остави и двата, ако Господ го повикува на нешто трето. Тогаш двајцата после некое време средивме некои наши активности и денес сме многу среќни и благодарни заради тоа.
Па, годишниот одмор е шанса повторно да се вратиме на самите себе, едни на други, но пред сѐ на Господ. Доколку го пронајдеме оној пат на кој Он нѐ повикува, сигурно ќе почувствуваме радост и мир. Ете, тоа Ви го посакувам на сите. Да се одморете ова лето, да се обновите и да го продлабочите својот однос со Господ и семејното заедништво. Нека на тој пат нѐ следи застапништвото на Царицата на мирот!
Мирта Милетиќ/Гласник мира/к.мк