Црквата во Латинска Америка да биде блиска со сиромашните

Црквата во Латинска Америка да биде блиска со сиромашните

Папата Фрањо испрати порака до учесниците на конференцијата која овие денови се одржува во Рим, по повод 25 годишнината од постоењето на ватиканската фондација „Populorum Progressio.“

Ситуацијата во Латинска Америка бара одлучно определување за да се подобрат животните услови на сите луѓе, а притоа да не се исклучи никој, борејќи се против неправдите и корупцијата за да се постигне што подобар резултат – напиша папата Фрањо во својата порака до учесниците на конференцијата која овие денови се одржува во Рим, по повод 25 годишнината од постоењето на ватиканската фондација „Populorum Progressio“.

Земјите во Латинска Амрика покажуваат голем потенцијал затоа што нивните народи меѓусебно се солидарни и тие земји располагаат со големо историско и културно богатство, како и со изобилни природни ресурси. Но, економската и општествената криза го заостри сиромаштвото, невработеноста и социјалната нееднаквост на тој континент. Кризата го зајакнува и надворешниот долг кој го кочи развојот – истакнува Папата. Папата рече дека спомнатата ватиканска фондација остварила најмалку 4.400 проекти во Латинска Америка и на Карибите за да се подобрат условите на домородното население, метиси и африканските Американци.

Светиот Отец исто така обвини за експлоатацијата и злоупотребата на животната средина до таа мерка која до сега не се сметало за можно. Кога еден економски систем во центарот ќе го постави богот пари, тогаш со тоа ќе се ослободи и политиката на исклучувањето на луѓето – предупреди папата Фрањо и заклучи: Тоа доведува до културата на отфрлање на луѓето, и токму на тие луѓе Црквата треба да биде на посебен начин блиска.

На почетокот на спомнатата конференција кардинал Петер Турксон, претседател на фондацијата и префект на Дикастеријата за промовирање на интегрален човеков развој, во својот говор се осврна на постигнувањето и развојот на Католичката црква во Латинска Америка, додека главниот секретар на Епископската синода, кардинал Лоренцо Балдисери, ги претстави поединечните детали за Синодата за Амазонија која треба да се одржи во Ватикан, во 2019 година.

На крајот додаваме дека фондацијата „Populorum Progressio“, во 1992 година ја основаше свети Иван Павле II, и тоа во спомен на 500 годишнина од мисионерската работа во Америка. Нејзината основна цел е да помогне на домородното и афро-американското население во Латинска Америка и на Карибите. Со својата иницијатива Папата сакал да придонесе за промовирање на аграрните реформи, социјалната правда и внатрешниот мир. Фондацијата го добила името според енцикликата „Populorum progressio“ (Развитокот на народите) на блажен Павле VI од 1967 година, а која се занимава со прашањето како во глобализираниот свет на сите луѓе да им се обезбеди праведен развој.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот