Пред молитвата „Царице небесна“ и на празникот Вознесение Господово, кој денес се слави во многу земји, Папата нагласи дека Исус не се оддалечува од човештвото, туку го соединува со Себе и го води кон Отецот. Тоа е пат кој, кога се живее според Евангелието, го преобразува секојдневниот живот и ги проширува хоризонтите кон полнотата на животот во Бога.
Вознесението не е далечно ветување, туку жива врска способна да нè привлече кон небесната слава, по патот на воздигнување што ни го покажаа Пресвета Дева Марија и светците „од соседството“, мажите и жените со кои го живееме секојдневниот живот: татковци, мајки, дедовци и баби, луѓе од сите возрасти и општествени слоеви, кои радосно, посветено и искрено се стремат да живеат според Евангелието.
Ова го нагласи папата Лав XIV во своето пладневно обраќање пред молитвата „Царице небесна“, која ја молеше пред околу 20.000 верници во недела, 17 мај 2026 година, на плоштадот „Свети Петар“, на празникот Вознесение Господово.
Кон целосно заедништво
Светиот Отец нагласи дека Вознесението, настанот во кој Исус, четириесет дена по Своето Воскресение, се вознесува на небото пред Своите ученици, може да изгледа како далечен настан. Сепак, тоа е настан што нè засега одблизу, бидејќи сме соединети со Исус како членови со главата, во едно тело. Затоа, Неговото Вознесение на небото нè привлекува и нас да одиме со Него кон целосно заедништво со Отецот.
Папата додаде: „Целиот живот на Христос е движење на воздигнување кое, преку Неговата човечка природа, ја опфаќа и ја прегрнува целата реалност на светот, го воздигнува и го откупува човекот од неговата состојба на грев, носејќи светлина, прошка и надеж таму каде што имало темнина, неправда и очај, за да можеме да ја достигнеме конечната велигденска победа.“
Затоа Вознесението, на некој начин, нè привлекува кон небесната слава, проширувајќи ги и воздигнувајќи ги нашите хоризонти уште во овој живот и доближувајќи ги нашиот начин на размислување, чувствување и дејствување сè поблиску до мерката на Божјото срце, нагласи Римскиот епископ.
Секојдневно воздигнување кон небото
Следејќи го примерот на Исусовиот живот и Неговото учење, со поддршка и молитва на светците „од соседството“, односно на сите оние што секојдневно го живеат Евангелието на конкретен начин и го покажуваат патот на воздигнувањето, можно е ден по ден да учиме да се искачуваме кон небото.
Тоа значи да го развиваме божествениот живот примен во Крштението и да ги шириме драгоцените плодови на заедништвото и мирот низ целиот свет, заклучи папата Лав XIV во пладневното обраќање.
Ватикан њуз/к.мк

