Литургијата од денешната Четврта воскресна недела ни помага да го откриеме својот идентитет на ученици на Воскреснатиот Господ – рече папата Фрањо пред молитвата Царице небесна на плоштадот Свети Петар, на 22 април 2018 година.
Во Делата на светите Апостоли свети Петар отворено изјави дека излекувањето на фатениот кое го направил и за кое тогаш зборувал целиот Ерусалим, се случило во Исусовото име, затоа што „нема спасение во никое друго име“ Тој човек кој го оздравел го претставува секого од нас и нашите заедници; секој може да оздравее од многу облици на духовна болест, од презафатеност, мрзеливост, горделивост…, ако прифати со доверба да го стави својот живот во рацете на воскреснатиот Господ. Преку името на Исус Христос Назареецот – потврди Петар – Преку Него овој стои пред нас жив!
Но, Кој е Христос кој оздравува? Што значи да се биде оздравен од Него? Од што нè лекува? Со какви зафати? – праша Папата и истакна: Одговорот на сите тие прашања ги наоѓаме во денешното Евангелие во кое Исус вели: Јас сум добриот Пастир. Добриот Пастир го полага својот живот за овците. Тоа Исусово самопреставување не може да се сведе само на чувствителен поттик, без никаков конкретен ефект! Исус лекува преку своето „да биде пастир“ кој го дава животот. Давајќи го својот живот за нас, ни вели: вашиот живот е толку вреден за мене и ќе се дадам целиот себе за да го спасам. Токму тоа „да го даде својот живот“, го прави добриот Пастир кој оздравува кој ни овозможува да живееме добар и плоден живот.
Вториот дел од истиот евангелски дел ни зборува под кои услови Исус може да нè излекува и да го направи нашиот живот радосен и плоден: Јас сум добриот Пастир, ги познавам своите овци и мене ме познаваат моите овци, како што Мене ме познава Отецот и јас го познавам Отецот – нагласи Светиот Отец и протолкува: Исус не зборува за интелектуално знаење, туку за личен однос, за посебна љубов, взаемна нежност, одразот на истиот близок однос на љубов помеѓу Него и Отецот. Со таквото однесување се остварува живиот однос со Исус; отвори се и дозволи Тој да те запознае. Тој е внимателен кон секој од нас, ја познава длабочината на нашето срце; ги знае нашите облици и недостатоци, проектите кои сме ги оствариле и надежите кои се загубени. Но, Тој нè прифаќа такви каки што сме со нашите гревови, за да нè излекува, да ни прости, да нè води со љубов за да можеме да ги поминеме непроодните патишта, а да не го загубиме животот.
Од своја страна повикани сме да го запознаеме Исуса – поттикна папата Фрањо и продолжи: Тоа подразбира средба со Него, средба кој предизвикува желба да Го слeдиме, напуштајќи ги самодоволното однесување и одејќи по новите патишта кои на широк хоризонт ни ги покажува Тој самиот. Кога во нашите заедници ќе се олади желбата да живеме однос со Исус, да Го слушаме Неговиот глас и верно да Го следиме, неизбежно е да надвладеат други начини на размислување и живеење кои не се усогласени со Евангелието. Нека ни помогне нашата Мајка Марија за да се продлабочи нашиот однос со Исус да Му се отвориме да го зацврсти нашиот однос и на тој начин да го следиме цел живот – рече Папата и заврши: Денес на Светскиот ден на молитвата за звања нека нè застапува Марија за многумина великодушно и истрајно да одговорат на Господ кој повикува да се остави сè заради Неговото Царство.
Многу сум загрижен заради тоа што овие денови се случува во Никарагва каде по протестите дојде до конфликт кој предизика и неколку жртви – истакна Светиот Отец по пладневната молитва и додаде: Ја изразувам својата близина на таа земја и се придружувам на епископите кои бараат да престане секакво насилство, да се избегне непотребно крвопролевање, и отворените прашања да се решаваат мирен и одговорен начин.
Како што претходно споменавме – продолжи папата Фрањо – денес, на Четвртата воскресна недела во целата Црква се слави Ден на молитва за духовни звања. Темата е „Слушај, размислувај, живеј го Божјиот повик.“ Му благодариме на Бог затоа што продолжува во Црквата да поттикнува љубов кон Исус Христос за Негова слава и служење на браќата. Посебно благодарам за новите свештеници кои утрово ги ракоположив во базиликата Свети Петар. Да го молиме Господ да испрати многу добри работници на својата нива и да ги умножи звањата за посветен живот и христијански брак – рече на крајот Папата.
РВ/к.мк