Папата Фрањо во аудиенција ги прими учесниците на пријателскиот фудбалски натпревар меѓу екипите на Ватикан и претставници на Светската ромска организација.
Необичен натпревар ќе се одигра во недела на 21 ноември 2021 година на теренот на спортската асоцијација на Лацио во Формело кај Рим. На иницијатива на папата Фрањо ќе се сретнат тимовите на Светската организација на Ромите и Папскиот тим на Ватикан „Фратели Тути“. Во пресрет на натпреварот, односно во сабота на 20 ноември годинава учесниците на овој пријателски натпревар беа примени на аудиенција во Ватикан од папата Фрањо, на кого му беше врачена маица „Fratelli Tutti“ број 1.
Надминете ги предрасудите
Светиот Отец им се заблагодари на фудбалскиот тим на Ватикан и на Папскиот совет за култура, кој се грижи за светот на спортот и ги изрази своите најдобри желби до тимот на Ромите. Тој потсети на неговата апостолска посета на Словачка и неговата средба со ромската заедница во Кошице и неговите зборови до нив дека „премногу често Ромите биле предмет на предрасуди и немилосрдни судови, дискриминаторски стереотипи, клеветнички зборови и гестови. Поради ова, сите станавме посиромашни, посиромашни во човештвото. За да го вратиме достоинството, треба да преминеме од озборувања кон дијалог, од изолација кон интеграција“.
Спортот е патот до интеграцијата
Светиот Отец истакна дека овој натпревар е спортски настан што укажува дека интеграцијата е патот до мирен соживот. Тоа е основата на воспитувањето на децата. Светиот Отец рече дека знаел дека Хрватска, седиштето на Светската организација на Ромите, организирала многу спортски иницијативи кои помогнале да се запознаат и да се дружат. Според Папата, ова е знак на надеж, бидејќи сите деца имаат право да растат заедно, без пречки и дискриминација. Спортот е место за средба и еднаквост, а со користење на мостови на пријателство, може да помогне во градењето на заедниците. Заблагодарувајќи се за оваа средба, Папата посака добар натпревар, нагласувајќи дека не е важно кој ќе даде повеќе голови, бидејќи решавачкиот гол е тој што ќе ја освои надежта.
За учесници на пријателскиот натпревар
Пријателскиот натпревар помеѓу тимот на Светската ромска организација и ватиканскиот Папски тим „Fratelli Tutti“ е насочен против дискриминацијата, а има и цел да се соберат донации за проектот на Римската епархија, со фокус на социјалната интеграција на Ромите. Тимот на Ватикан, именуван по истоимената енциклика на Римскиот бискуп, вклучува членови на швајцарската гарда, персоналот на Ватикан, нивните деца, како и свештеници кои работат во Ватикан, тројца мигранти и едно младо момече со Даунов синдром. Фудбалерите на тимот на Ромите ги избра Светската ромска организација, која има седиште во Загреб (Хрватска).
Ватикан њуз/к.мк