Повеќе од 200 членови на монашките заедници во Унгарија се собраа за време на викендот на националното монашко ходочестие во маријанското светилиште Матраверебели-Сенткут.
Централната света Литургија, која беше врвот на ходочестието, ја предводеше бискупот во мирување Антал Мајнек. Ходочестието се организира од 2015 година од страна на Унгарската конференција на поглаварите на монашките заедници.
Бискупот Мајнек, член на фрањевскиот ред, во својата проповед ја истакна тесната поврзаност на повикот за монашки живот со Бога и ближните, како и со посредништвото за мир.
Во таа прилика, член на монашката заедница на маристите Тристани Де Хуан Пабло Адолфо даде монашки завети. Монасите маристи доаѓаат во Унгарија во 1927 година од Турција и тука основале училиште. За време на Втората светска војна сокривале еврејски деца. Комунистичките власти го забраниле нивното делување, но во 1999 година се враќаат во Унгарија, каде што се грижат за запоставените деца во Острогон и Карчаг.
Денес во Унгарија делуваат членови на 90 реда со вкупно 1.146 членови, од кои 633 се монахињи, а 513 монаси. Нивната просечна возраст е 57 години. Канцеларијата на Унгарската конференција на поглаварите на монашките заедници се грижи за соработката помеѓу заеднците. Заедничките програми и мрежите за соработка се одвиваат на полето на образованието, стручната обука, комуникацијата, економијата, социјалната грижа и духовноста.
Ватикан њуз/к.мк