Убиството на отец Жак Амел: трагедија што ги потресе христијаните и муслиманите

Убиството на отец Жак Амел: трагедија што ги потресе христијаните и муслиманите

Пред десет години, на 26 јули 2016 година, отец Жак Амел, парох во парохијата Сен Етјен ди Рувре во северна Франција, беше убиен додека служеше света Литургија. Нападот го извршија двајца терористи што се поврзуваа со таканаречената Исламска држава. Еден од верниците присутни на Литургијата беше тешко повреден.

Во Франција се одржуваат повеќе комеморативни настани по повод десетгодишнината од убиството на отец Жак Амел, кој беше убиен во својата црква на 26 јули 2016 година. Особено во Сен Етјен ди Рувре се организираат меѓурелигиски иницијативи насочени кон продлабочување на меѓусебното разбирање меѓу христијаните и муслиманите, како и изложби, молитвени средби и моменти на заедништво.

Кардинал Жан-Марк Авелин, претседател на Француската бискупска конференција, ќе претседава со света Литургија, која во недела ќе биде пренесувана на француските јавни телевизиски канали.

Иако е важно сеќавањето на овие настани да се зачува за помладите генерации, исто така е потребно да се признае дека се развиле односите меѓу христијаните и муслиманите во Франција во изминатите десет години. Сепак, останува уште многу да се направи, а недовербата и натаму може лесно да биде злоупотребена од политички и идеолошки цели.

Ватикан њуз разговараше со доминиканецот отец Жан-Франсоа Бур, директор на Националната служба за односи со муслиманите.

Оче Жан-Франсоа Бур, како убиството на отец Амел го поттикна христијанско-муслиманскиот дијалог?

Дијалогот меѓу христијаните и муслиманите, барем во Франција, никогаш не можел да се сведе само на љубезни односи, дури ни пред 2016 година. Односот веќе почнал да се развива во 1950-тите години. Црквата во Франција уште во 1973 година основа посебна канцеларија за односи со муслиманите. Таа им овозможи на католичките христијани вклучени во оваа работа подобро да го разберат исламот и подлабоко да ја согледаат сложеноста на муслиманската историја и внатрешната динамика на исламската вера.

Но ако бараме вистинска пресвртница, треба да ја поставиме околу 2001 година. Нападите врз Светскиот трговски центар во Њујорк предизвикаа поголемо будење. Од тој момент луѓето почнаа да се прашуваат зошто одредени движења избираат терористичко насилство, и започна широк процес на размислување.

Што се промени по тој прв повик за будење во 2001 година и по терористичките напади што ја погодија Франција во 2010-тите години?

Меѓу муслиманите, на пример, имаше голем шок. За многумина од нив тоа беше многу болно, бидејќи од претходните генерации никогаш не примиле учење од исламот што поттикнува насилство или хаос. Одеднаш станаа свесни дека постојат џихадистички и терористички движења.

По убиството на отец Амел видовме високи муслимански делегации што дојдоа во Франција. Тие се сретнаа со бискупите во Париз и отпатуваа во Сен Етјен ди Рувре за да изразат сочувство и јавно да го осудат нападот.

Дали муслиманите што го отфрлаат насилството, на некој начин, ја презедоа иницијативата за унапредување на дијалогот?

Не би рекол дека формално ја презедоа иницијативата. Но сфатија дека е потребно да започне нова етапа во дијалогот што веќе постоеше, дијалог во кој христијаните обично беа поактивната страна.

Генералниот секретар на Светската муслиманска лига, кој е глобален претставник на саудиската вахабитска традиција, исто така дојде во Сен Етјен ди Рувре. Заедно со надбискупот Доминик Лебрун учествуваше на комеморативно бдение.

Овие верски водачи разбраа дека, дури и ако претставуваат одреден исламски конзервативизам, односно строгост што понекогаш може да доведе до понагласена форма на ислам, апсолутно е неопходно да се промовира поинаква порака.

Постои ли и меѓу христијаните недоволно разбирање на другиот, што лесно создава ѕидови на недоверба?

По вакви трагедии гледаме обични луѓе што стануваат и велат дека таквото насилство не ги претставува. Тоа го гледаме меѓу муслиманите, меѓу христијаните, па дури и меѓу неверниците. Тие велат дека го отфрлаат овој вид екстремизам.

Многумина сфатија дека треба да се приклучат на организации посветени на дијалогот и дека својата посветеност треба да ја покажат преку конкретни гестови. Особено ме трогна, на пример, тоа што еден муслиман со потекло од Коморите наслика и подари портрет на отец Амел како проповеда во својата црква. Муслимани дојдоа и на гробот на отец Амел на гробиштата во Сен Етјен ди Рувре, за да положат цвеќе.

Десет години подоцна, убиството на отец Амел за многу млади луѓе може да изгледа како далечен и апстрактен настан. Колку е важно да се зачува сеќавањето?

Тоа сигурно е најголемиот предизвик. Во приказната за отец Амел, муслиманите јасно препознаа дека трагедијата на смртта на еден човек е уште потешка затоа што тој беше убиен додека беше во молитва. Многу муслимани изразија шок и целосно згрозување од такво насилство извршено за време на богослужба.

Меѓу многу млади христијани во Франција денес постои чувство на несигурност и вознемиреност. Пошироко, во целото француско општество, меѓу христијани и нехристијани, постои распространета загриженост што навлезе и во политичката клима на земјата. Токму затоа образовниот предизвик денес е многу важен.

Пораката на дијалог, простување и помирување што Црквата во Франција ја упати веднаш по убиството на отец Амел многу ги изненади и охрабри француските власти.

Со децении во Франција развиваме богословско и пасторално размислување за исламот и за христијанско-муслиманскиот дијалог. Тоа не започна во 2016 година. Црквата во Франција ја исполни својата одговорност со тоа што јасно нагласи дека сите муслимани не можат да се сметаат одговорни за смртта на отец Амел, ниту за терористичките напади извршени од поединци што прифатиле смртоносна идеологија.

Десет години по оваа трагедија, кои пречки сè уште стојат на патот кон целосно мирен меѓурелигиски дијалог?

Најголемата пречка за меѓурелигискиот дијалог денес е верувањето дека постојат поважни грижи, дека живееме во време со многу предизвици што меѓурелигискиот дијалог веќе не е приоритет.

Постои искушение да се откажеме, да заземеме одбранбен став и христијанскиот живот или евангелизацијата да ги претвориме во некаков бедем против муслиманите. Таква реторика понекогаш се слуша, иако, фала му на Бога, не од сите.

Верувам дека мораме да го надминеме тоа. Силно би ги охрабрил сите да ги засукаат ракавите и да поверуваат дека сме способни да разговараме едни со други и да се разбираме. Според мене, сега се потребни обновен напор и обновена посветеност.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот