Според лекарите бременоста е можна само со вештачко оплодување, а потоа Бог направи чудо …
К.П.Ж. (податоци познати на редакцијата) сведочи како Господ го промени нејзиниот живот. Таа се преобратила кога имала спонтан абортус, по што ѝ било кажано дека повеќе нема да може да има деца. Единствениот начин на кој таа и нејзиниот сопруг ќе можат да добијат дете било преку вештачко оплодување, кое тие не го прифатиле. К. одлучила да се моли на Света Рита, а Бог во меѓувреме направи чудо …
Би сакала да сведочам за големата љубов на нашиот Господ и за милоста што ја добив од Него. Јас не бев некој верник, всушност можам да кажам дека бев никаков верник. Одев во црква еднаш во две години. Ги осудував свештениците, зборувајќи им ја на сите онаа веќе позната изјава: “Што тој ќе ми држи проповед кога и тој самиот го прави тоа и тоа …”. И како веќе сето тоа оди.
Не можевме да имаме деца
Мојот сопруг и јас сме венчани од 2009 година. Поради образованието, не сакав веднаш да имам деца, а потоа кога сакав, не можевме да имаме деца. Забременив во 2015 година. Но, по осум недели имав спонтан абортус и го изгубив бебето. Шокирана и уплакана отидов во Црква откако мојата докторка ми рече дека ситуацијата со бебето не е добра, дека срцевите отчукувања не се слушаат и дека бебето не се развива. Отидов во Црква со надеж дека ќе можам да разговарам со некого, бидејќи следниот ден морав да одам на киретажа (“чистење”). Кога дојдов, се сретнав со еден свештеник кој ми кажа дека сите браќа биле на благослов на домови (беше почеток на јануари), дека му е жал и да дојдам следниот ден.
Му објаснив дека следниот ден ќе одам во болница и тој ми одговори дека му е жал. Излегов уште појадна од канцеларијата на парохијата. Отидов во црквата и плачев два часа пред олтарот. Подоцна отидов дома. Таа ноќ почнав да се молам, сфаќајќи дека не сум сама и дека некој ме чува, а тоа претходно не го чувствував. Моите доктори ми направија киретажа, и како што минуваше времето, физички се опоравав. Меѓутоа, честопати мислев на моето бебе. Во минатото, при сопственото тражење, се обидов сè – од Реики, биоенергија до речиси сите “недозволиви” извори. Сакав да се исповедам, да се сретнам со свештеник и искрено да му го кажам секој грев на кој се сеќавам. Во тоа време, не знаев дека тоа се вика животна исповед.
Животна исповед
Многу ми помогна пријателката со која работам (ќе ја наречеме Јулија), која е верник и која со целото свое срце се обидува да го живее Словото Божјо. На интернет најдов “скрипта” која ми помогна во подготовките за животната исповед. Се подготвував со денови, по два до три часа дневно; го испитував мојот живот со прашања и потсетници. На ден на мојата исповед имав главоболки и гадење. Претходно ме предупредија да не се откажувам ако се појават вакви пречки, па така и направив. Пред да влезам во исповедилницата, ми помина мисла да избегам. Стануваше збор за големи гревови (имав 10 големи страници на хартија на кои ситно беа испишани гревовите). Но, се спротивставив и влегов.
На почетокот “како робот” ги кажував моите гревови, но на втората или третата страница почнав да плачам и понизно да молам за простување на моите гревови. По мојата животна исповед мојот живот тргна во друга насока; редовно присуство на Литургија, читање на Библија и духовна литература, одење на духовни обнови. Моите најблиски забележаа голема промена кај мене. Дури и мајка ми и мојот сопруг се ″вратија″ во црква.
Времето минуваше. Мојот сопруг и јас се обидовме повторно да добиеме бебе. Но, не одеше. Решив да отидам на преглед. По спроведување на испитувањата, докторката ми рече дека ќе можам да станам мајка само со помош на оплодување, но тоа беше дискутабилно. Можев само да чекам чудо. Долго време се борев со прашањето што да правам. Знаејќи дека вештачкото оплодување е грев, не сакав да се согласам на тоа и со тоа да го уништам мојот однос со Господ. Се чувствував како по подолго време да најдов прекрасен пријател, кој ме сака со целото свое срце и ми дава сè, а јас само ќе го навредам со таа постапка.
Читајќи ја Библијата често го отворав текстот „плодноста на Ерусалим“
На докторката и реков дека нема да одам на вештачко оплодување и дека ќе го чекам моето чудо. Така, во медицинските досиеја стои дека одбив да го поддржам оплодувањето поради “религиозни причини”. Кога одев на испитувања и другите доктори можеа да го видат напишаното и наскоро бев исмејувана. Една од изјавите што ги слушнав во тоа време беше: “И јас сум верник, но дете е дете …”. Месеците минуваа и секој беше исполнет со солзи, кога ќе видев дека сум добила менструација. Кога ќе бев на работ на очај, ќе и се јавев на Јулија, која ќе ме упатеше што да читам во Библијата, и тоа ќе ме утешеше. Еднаш отидов во книжарница и видов брошура 15 четвртоци на света Рита. Почувствував потреба да ја купам таа книга. Измолив тој прв четвртокот за моето бебе и тој месец добив менструација, но тоа беше нормално поради големата хормонална нерамнотежа и антибиотиците што ги користев за други здравствени проблеми.
Читајќи ја Библијата во тоа време често го отворав текстот под наслов “Плодноста на Ерусалим”. Тогаш се посомневав дека сум бремена. Кога му кажав на сопругот, тој одговори: “Невозможно, и зошто мислиш така?” Кога му го покажав тестот за бременост што го направив, ме погледна ниту со верување, ниту со неверување. Тоа беше чудно чувство. Направив две теста за бременост и изгледаше како повеќе да беа неточни, отколку да покажуваат бременост. Додека продолжував да го отворам споменатиот текст во Библијата, бев сигурна дека ова е вистина. Отидов на доктор и ми потврди дека сум бремена, но никој не веруваше дека моето дете ќе преживее (имам 37 години, моето прво бебе го изгубив, а моето здравје е такво што морам да ја чувам бременоста).
Дознав дека имам карцином на грлото на матката
Малку по малку, молејќи ја деветницата на света Рита, дојдов до крајот на првото тромесечие. Тогаш докторите сериозно ме сфатија и повеќе не бев за “отпис”. Бременоста напредуваше уредно, но наскоро следеше нов шок. Резултатот од ПАП тестот покажа дека имам карцином на грлото на матката. Докторите предложија да чекаме до крајот на бременоста, а потоа итно тоа да го решаваме, а во меѓувреме, да се молам да не метастазира. Замислете како тоа изгледаше. Сепак, продолжив да се молам – почнав да одам на побожност на свети Антон, секој вторник во мојата парохија. Состојбата не се промени. Се молев на отец Пио за посредување. Докторите беа изненадени што во тие години и по сè што поминав, добро ја поднесувам бременоста. Откриениот дијабетес со користење на инсулин беше уреден, како и тироидната жлезда за која земав лекови. На свет донесов здраво девојче, кое решив да го викнам Пиа Рита, за да им се заблагодарам на нашите заговорници.
Откако се опоравив, следеа нови ПАП тестови. Едниот беше во ред, другиот не беше, и така во круг. При сето ова, сфатив дека Господ знае најдобро и дека секогаш постои причина за сето она што се случува во нашите животи. Ја прифатив операцијата и се молев докторите да успеат да отстранат сè и да немам метастази. Пред тоа морав да направам биопсија. Додека ги чекав наодите од биопсијата (две и пол до три недели), докторката ми даде листа на друга документација што требаше да ја подготвам за операцијата. Подготвив сè освен делот за анестезиологот, кој беше последен, бидејќи морав да одам кај докторката по наодот од биопсијата и да договорам термин за операцијата. Чекав сама во болничкото лоби. Двајца доктори влегоа кај мојата докторка. Излегоа надвор. Брзање и паника. Во тој момент мислев дека канцерот метастазирал и дека сè е готово.
Наското ќе одам во пензија, нова никогаш не сум го видела
И покрај тоа, верував дека Господ ќе најде решение и за ова и дека сè ќе биде во ред. Конечно ме повикаа да влезам. Докторката се држеше за глава, a медицинските сестри се смееја. Помислев дека не би биле толку среќни доколку е сè толку црно. Докторката само рече: “Наскоро ќе одам во пензија, но ова никогаш не сум го видела. Наодот од биопсијата е чист! Немам објаснување…” Отворено и кажав дека сум сама, но целата молитвена група се молеше за тој наод. За прекрасно чудо, таа не ме погледна “попреку”, туку и самата ја прифати молитвата како лек, бидејќи немаше друго објаснување. Таа сакаше наодот да се повтори за два месеци, кога ткивото ќе зарасне. Тоа и го направив. И тогаш ПАП тестот беше уреден. Но, докторите не веруваа во ПАП тестот и правеа дополнителни тестови. Тие ми препорачаа контрола за четири месеци (тоа допрва треба да го сторам). Не се плашам, бидејќи знам дека Господ има добра причина за сè.
Му благодарам за мојата прекрасна девојка која пополни 9 месеци… Му благодарам за моето здравје. Сè што ми се случува во животот полесно го носам со Бројаницата во моите раце и мислам дека Господ знае зошто нешто се случува. После сѐ што доживеав, често се прашувам како сум можела да живеам толку бесцелно. Изгубив многу пријатели кои велеа дека сум луда, но Бог ми испрати прекрасни луѓе на кои можам да се потпрам. Благодарам за тоа!
book.hr/к.мк/Кате М.