Сочувство од Папата за смртта на војвотката од Кент

Сочувство од Папата за смртта на војвотката од Кент

Со телеграма, папата Лав XIV изрази длабоко сочувство до кралот Чарлс III по повод смртта на нејзиното кралско височество, војвотката од Кент, Катерина, која почина на 4 септември во 92-та година од животот, во Кенсингтонската палата.

По повод погребната церемонија, закажана за 16 септември, Папата ја истакна својата духовна блискост „во овој час на жалост“ со членовите на кралското семејство, со војводата од Кент, нејзините деца и внуци. Тој ја довери нејзината „благородна душа“ на Божјата милост, изразувајќи благодарност за нејзината преданост на делата на милосрдие и грижата за најранливите. На крајот од телеграмата, Папата упати апостолски благослов „како знак на утеха и мир во воскреснатиот Господ“.

Погребот се одржува во Вестминстерската катедрала, а на него ќе присуствува и кралот Чарлс III – првпат по четири века еден англиски монарх, кој воедно е и поглавар на Англиканската црква, да присуствува на католичка погребна литургија.

Живот и семејство

Катерина Луси Мери Волсли е родена во аристократско и земјопоседничко семејство. Израсната како англиканка, во 1961 година се омажила за принцот Едвард, војвода од Кент, внук на кралот Џорџ V и братучед на кралицата Елизабета II.

Иако потекнува од високо семејство, таа е првата жена по повеќе од еден век која се омажила за војвода од кралското семејство без војводска титула по раѓање. Животот го посвети на служба на другите, често претставувајќи ја кралицата заедно со војводата на државни и добротворни настани во Британија и во странство.

Пат кон католичката вера

Во 1994 година, војвотката беше примена во Католичката црква од кардиналот Базил Хјум, надбискуп на Вестминстер, станувајќи првиот член на англиското кралско семејство што преминал во католицизам по 1685 година.

Своето преобраќање го опиша како „долго зрела“ одлука, додавајќи дека ја привлекува „водството“ што го нуди Католичката црква. Како католик, редовно го посетувала Лурд со својата парохија и присуствувала на свети Литургии во Бромптон Ораториум во Лондон. Во 2001 година, нејзиниот трет син, лорд Николас Виндзор, исто така премина во католицизам, станувајќи првиот машки член на британското кралско семејство што се обратил во католичка вера по наводното преобраќање на кралот Чарлс II на смртна постела во 1685 година.

Хуманитарна мисија

Посветена на добротворни дела, по повлекувањето од јавниот живот, војвотката предаваше музика на деца во државни училишта, без да ја открива својата титула, позната едноставно како „Госпоѓа Кент“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот