И кој напои еден од оние мали само со чаша студена вода како Мој ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда. (Maтеј 10,42)
Евангелистот Матеј е многу упатен христијански писател. Тој добро ги знае ветувањата на Израелскиот Бог, а пак во Исусовите зборови и дела го гледа нивното исполнување. Затоа во своето Евангелие го прикажува Неговото учење во форма на пет големи говори, како новиот Мојсеј.
Со ова Слово на животот се завршува мисионерскиот говор започнат со изборот на дванаесетте апостоли. Тоа укажува на барањата на проповедањето: недоразбирањето и идните прогони бараат веродостојно сведоштво, дури и преку радикални избори.
Но, има и нешто друго: Исус открива дека испраќањето ученици има свои корени во мисијата што ја добил од Отецот. Ова убедување постоело и во Стариот завет: во Божјиот гласник, самиот Бог е присутен и посредува. Затоа, според сведоштвата на Исус и на оние кои Исус ги испраќа, Божјата љубов допира до секој човек.
И кој напои еден од оние мали само со чаша студена вода како Мој ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда. (Mатеј 10,42)
Покрај посебната мисија на некои луѓе (апостоли, пастири, пророци), Исус навестува дека секој христијанин може да биде Негов ученик, и како примател и како носител на мисијата. Иако мали и навидум без посебни особини и титули, сите ние, како ученици, сме обучени да сведочиме за Божјата близина. Таткото на сите луѓе ја испрати целата христијанска заедница во служба на човештвото.
Преку нашите браќа, сите ние добивме внимание, грижа, простување и доверба од Бога. Сите ние можеме да им дадеме нешто на другите за и тие да ја искусат нежноста на Отецот, како што тоа го правеше Исус за време на Неговата мисија. Во тоа се состои коренот односно во Отецот е гаранцијата, дека таканаречените мали нешта можат да го променат светот, макар тоа било само чаша ладна вода.
„Не е важно дали можеме да дадеме многу или малку. Важно е како даваме, колку љубов вложуваме во макар и мал знак на внимание кон другиот. Понекогаш е доволно да му понудиш чаша вода, чаша ’ладна вода’. Тој едноставен гест е одличен во Божји очи ако го правиме во Негово име, односно од љубов. […] Словото на животот овој месец ќе ни помогне повторно да ја откриеме вредноста на секоја наша постапка: од домашни работи или работа на терен или работилница до извршување на канцелариски работи, училишни работи, како и одговорност во социјални, политички и верски области. Сè може да се претвори во внимателна и грижлива услуга. Љубовта ќе ни даде нови очи за да разбереме што им треба на другите и да им излеземе во пресрет со креативност и дарежливост. А плодот? Дарот ќе кружи затоа што љубовта повикува на љубов. Радоста ќе се умножи затоа што „поблагословено е да се дава отколку да се прима“[1]“[2].
И кој напои еден од оние мали само со чаша студена вода како Мој ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда. (Mатеј 10,42)
Исус бара од нас нешто многу големо: да не го запреме протокот на Божјата љубов. Тој бара од нас да допреме до секој маж и секоја жена, служејќи им со отворени срца и конкретно, надминувајќи ги нашите категории и нашите предрасуди.
Тој ја сака нашата активна, креативна и одговорна соработка за општото добро, почнувајќи од секојдневните ситници, но нема да ни ја ускрати наградата: Тој секогаш ќе биде со нас, ќе се грижи за нас и ќе нѐ придружува во нашата мисија.
„Ја напуштив работата на Филипините и отидов во Австралија за да бидам со моето семејство […] Најдов работа на градилиште за чистење на трпезариите, соблекувалните, канцелариите и мензата што ги користат повеќе од 500 работници. Оваа работа беше сосема поинаква од претходната, кога работев како инженер […] Од љубов кон другите, се грижам трпезариите да бидат секогаш чисти и уредни. Меѓутоа, некои не се грижат за чистотата […]. Не изгубив трпение бидејќи тоа беше можност да го сакам Исус во секоја личност. Малку по малку почнаа да си подредуваат и зачистуваат после ручекот. Со текот на времето станавме пријатели, почнав да ја стекнувам нивната доверба и почит, […] Доживеав дека љубовта е заразна и дека сѐ што се прави од љубов останува“.[3]
[1] Дела 20,35.
[2] Кјара Лубик, слово на животот, октомври 2006;
[3] Спореди. Famiglie in azione – Un mosaico di vita, Città Nuova 2022, стр. 55.