„Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11,28)
Зборовите „изморени и обременети“ нé потсетуваат на мажи и жени, млади, деца и стари, кои на својот животен пат носат некакви тешкотии и се надеваат дека ќе дојде ден кога ќе се ослободат. Во овој извадок од Евангелието според Матеј, Исус упатува повик: „Дојдете при Мене…“
Околу него се собрало мноштво од луѓе. Дошле да го видат и да го слушаат. Многу од нив биле едноставни, сиромашни луѓе, со слабо образование, неспособни да ги научат и да ги почитуваат многу сложените верски правила за тоа време. Покрај тоа, ги обременувале даноци како и римската администрација. Тој товар често било невозможно да го издржат. Биле во неволја и барале подобар живот.
Со својата наука Исус покажувал особено внимание кон нив и кон сите оние кои биле исклучени од општеството, затоа што биле сметани за грешници. Тој сакал сите да сфатат и да го прифатат најважниот закон, оној кој ги отвора вратите на домот на Отецот – законот на љубовта. Затоа што Бог им ги открива своите убавини на луѓето со отворени и едноставни срца.
Но, Исус и денес нас нé повикува да му се приближиме. Тој се покажал како видливо лице на Бога кој е љубов, Бог кој нé сака неизмерно, такви какви што сме, со нашите способности и со нашите ограничености, со нашите тежнеења и нашите неуспеси! Нé повикува да се надеваме на неговиот закон. Тој закон не е товар што нé притиска, туку лесен јарем кој може со радост да го исполни срцето на оној кој го живее. Тој бара посветеност да не се затвораме во себе, туку напротив, нашиот живот да го збогатиме со дарот на другите, од ден во ден.
„Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам.“ (Матеј 11,28)
Исус нешто ветува: „…и јас ќе ве успокојам;”
Како? Пред сé со своето присуство кое станува сѐ појасно и подлабоко во нас кога го избираме како основа за нашиот живот. Потоа со една посебна светлина која ги осветлува сите наши секојдневни чекори и ни овозможува да ја откриеме смислата на животот и во тешките околности. А над сé, кога ќе почнеме да љубиме како што тоа го правеше и самиот Исус, во љубовта ќе пронајдеме сила да чекориме напред и во полнотата на слободата, затоа што тоа е Божји живот кој отвора пат во нас.
Вака пишуваше Кјара Лубик: „…христијанин кој не тежнее постојано да љуби не заслужува да се нарече христијанин. Тоа е затоа што сите Исусови заповеди се собираат во една: во љубовта кон Бога и ближниот, во кого треба да го гледаме и да го љубиме Исуса. Љубовта не е обично чувство, туку се претвора во конкретен живот, во служење на браќата, особено на оние кои се со нас, почнувајќи од ситните нешта, од понизното служење. Шарл де Фуко вели: „Кога некого љубиме ние сме многу реално во него, во него сме по љубовта, живееме во него со љубовта, не живееме повеќе за себе, не сме врзани само за себе, се наоѓаме надвор од себе. Токму по таа љубов во нас создава пат за неговата светлина, за Исусовата светлина, во склад со неговото ветување: „кој мене ме љуби… нему ќе му се покаже.’ Љубовта е извор на светлина. Љубејќи ние повеќе го разбираме Бог кој е љубов (…)
Да го прифатиме Исусовиот повик, да дојдеме при него и да го препознаеме како извор на нашата надеж и нашиот мир.
Да ја прифатиме неговата „заповед“ и да се потрудиме да љубиме, во мноштво пригоди што ги имаме секојдневно во семејството, во парохијата, на работното место, онака како што тоа тој го правеше. Да одговориме на навредата со проштевање, да градиме мостови наместо ѕидови и да им служиме на оние кои се под бремето на проблемите. Во тој закон ќе откриеме – не товар, туку крило кое ќе ни помогне високо да летаме.
Летиција Магри