Слово за живот, мај 2024

Слово за живот, мај 2024

 „Кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов.“ (1 Иван 4,8)

Првото послание на светиот апостол Иван е упатено до христијаните на една заедница во Мала Азија. Требаше да ги поттикне да го обноват меѓусебното заедништво, бидејќи беа поделени на различни учења. Авторот ги поттикнува да го имаат на ум тоа што е навестувано „од почетокот“ на христијанското проповедање. Им го повторува тоа што првите ученици го видоа, слушнаа и допреа со свои раце во соживот со Господа, за да може и оваа заедница да биде во заедништво со другите, а така и со Исус и со Отецот.[1]

„Кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов.“

За да потсети на суштината на примената објава, авторот истакнува дека во Исуса, Бог прв нè возљуби, потполно земајќи човечка природа, со сите нејзини ограничувања и слабости. На крстот, Исус на своја кожа ја доживеа нашата одвоеност од Отецот. Давајќи се целосно, ја излекува со безгранична и безусловна љубов. Ни покажа каква е љубовта на која нè подучуваше со зборови и со животот.

Од Исусовиот пример разбираме дека вистинската љубов навистина вклучува храброст, напор и ризик за соочување со неволји и страдања. Но, тој што љуби на таков начин учествува во Божјиот живот и ја доживува Неговата слобода и радоста на себе дарување. Љубејќи онака како што нè љубеше Исус, се ослободуваме од себичноста која ги затвора вратите на заедништво со браќата и со Бога, и тоа можеме да го доживееме.

„Кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов.“

Да се запознае Бог, оној кој нè создал и кој нè познава, и најдлабоката од сите вистини, отсекогаш бил копнеж, можеби и несвесен, на човечкото срце.

Ако Тој е љубов, љубејќи како Него, можеме да видиме делче од таа вистина. Можеме да растеме во спознанието за Бог затоа што во суштина го живееме Неговиот живот и чекориме во Неговата светлина.

Тоа целосно се постигнува кога љубовта е взаемна. Ако се љубиме еден со друг, „Бог останува во нас.“[2] Слично како кога се допираат два електрични пола и светлото се пали, осветлувајќи сè околу нас.

Кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов.“

Според Кјара Лубик, сведочењето дека Бог е љубов, е „голем пресврт кој сме повикани денес да му го понудиме на современиот свет кој е во крајна напнатост“, токму онака „како што и првите христијани му го претставуваа на тогашниот пагански свет.“[3]

Како да го направиме тоа? Како да ја живееме оваа љубов која доаѓа од Бога? Учејќи од неговиот Син како да ја ставиме во пракса, особено „[…] во служењето на браќата, особено на оние покрај нас, почнувајќи од мали нешта, од нај понизното служење.

Ќе се стремиме, по примерот на Исус, да љубиме први, одрекувајќи се себеси и прифаќајќи ги сите крстови, мали или големи, кои може да ги донесе таквиот начин на живот.

На тој начин и ние наскоро ќе дојдеме до тоа Божјо искуство, до тоа заедништво со Него, до онаа полнота на светлина, мир и внатрешна радост, кон која Исус сака да нè доведе.“[4]

Кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов.“

Санта често посетува еден католички дом за стари лица. „Еден ден, Санта и Роберта го запознаа Алдо, висок, многу културен, богат човек. Алдо со мрачен поглед ги гледаше овие две девојки: ‘Зошто доаѓате овде? Што сакате од нас? Оставете нè да умреме во мир!’ Санта не се обесхрабри и му рече: ‘Ние сме тука за вас, да поминеме неколку часа заедно, да се запознаеме, спријателиме.’ […]

Девојките доаѓаа повеќе пати. Роберта раскажува: ‘Тој човек беше посебно повлечен и многу потиштен. Не веруваше во Бог. Санта беше единствената која успеа нежно да влезе во неговото срце, слушајќи го со часови.’“ Се молеше за него, а во една прилика му подари бројаница која тој ја прифати.

„Санта дозна дека на умирање Алдо го повикал нејзиното име. Болката за неговата смрт ја ублажи спознанието дека умрел мирно, држејќи ја во рацете бројаницата која му ја подарила.“[5]

Подготвија Силвано Малини и тимот на Слово за живот

[1] Спореди 1 Иван 1,1-3.

[2] Спореди 1 Иван 4,12.

[3] К. Лубик, Conversazioni, a cura di M. Vandeleene; Città Nuova, Рим 2019, стр. 142.

[4] К. Лубик, Слово за живот мај 1991.

[5] П. Лубрано, Un volo sempre più alto. La vita di Santa Scorese, Città Nuova, Рим 2003, стр. 83-84,107.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот