Од Светото Евангелие според Лука (10, 22-24)
22. Па, откако се сврте кон учениците, им рече: „Сè Ми е предадено од Мојот Отец; и кој е Синот не знае никој, освен Отецот; и кој е Отецот, не знае никој, освен Синот, и – кому што сака Синот да му открие.” 23. И кога се обрна кон учениците, им рече тивко: „Блажени се очите, кои го гледаат ова што го гледате вие. 24. Зашто ви велам, многу пророци и цареви сакаа да видат што гледате вие, и не видоа; и да чујат, што слушате вие, и не чуја.”
Кога седумдесетте радосно се вратиле од првото мисионерско патување на кое и бесовите им се покорувале, Исус им вели повеќе нека се радуваат затоа што имињата им се запишани на небесата. На тој евангелски дел се надоврзува Христовата веселост и славење на Отецот, што таа привилегија ја дава на малите.
Исус е целиот радосен затоа што учениците за прв пат без Него успешно ја завршиле мисијата. Полн со Духот го слави Отецот. И нас тој дух нѐ исполнува. Нѐ поттикнува на радост и восклик. Тоа мора да се гледа во нашиот говор, во нашите движења, во нашата работа, во нашата мисија која ја имаме секој ден. Исус го слави и благословува Бог. Тој е пример кој треба да го следиме: секој ден да го славиме и благословуваме Бог.
Бог сака да делува преку секого од нас, без разлика на способноста или пак староста. Треба секој ден едни на други да си помагаме да бидеме добри, понизни, верни, благи… да останеме мали во себе, а големи во Бог. Бог го бара нашето срце. Тоа треба да биде отворено и благородно. Затоа е потребна маленкоста, а не горделивоста. Бог преку малите полесно доаѓа во овој свет. Затоа да се молиме за милоста да бидеме едноставни и скромни.
Жупа Алојзе Степинац/к.мк