Скопје ја чествува Света Мајка Тереза: бискупот Стојанов служеше свечена света Литургија во нејзината родна парохија

Скопје ја чествува Света Мајка Тереза: бискупот Стојанов служеше свечена света Литургија во нејзината родна парохија

На празникот на Света Мајка Тереза, која Црквата во Македонија и целиот свет ја чествува на 5 септември, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов, служеше свечена света Литургија во нејзината родна парохија „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, во која е и крстена.

Со бискупот сослужуваа катедралниот парох патер Винко Маслаќ, деканот на деканатот „Свети Кирил и Методиј“, директор на Македонски Каритас и ректор на светилиштето во Паљурци, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, бискупскиот канцелар протојереј ставрофор Марјан Ристов, како и парохот во Куманово дон Томаш Бак.

На светата Литургија, покрај верниот народ, присуствуваа и сестрите Мисионерки на љубовта, редот што го основала Мајка Тереза, како и сестрите Евхаристинки и сестрите Усмиленки.

Во својата проповед, епископот Стојанов истакна дека животот и делото на Света Мајка Тереза претставуваат пример на несебична љубов, кон најсиромашните, која ја живееше Христовата заповед за љубовта со целото свое битие. Преставувајќи го нејзиниот животен пример повика да го препознаеме Христос во најсиромашните, најнапуштените и најранливите.

Епископот потсети дека Мајка Тереза, родена во Скопје, ја носела Македонија и нејзината родна парохија во своето срце, а нејзиниот живот е дар за целата Црква и за целиот свет.

Свечената света Литургија заврши со процесија околу катедралата, во која учествуваа верници, свештеници и монашки заедници. Верниците имаа можност да ги чествуваат и да се помолат пред моштите на Света Мајка Тереза.

Мајка Тереза е дар за Македонија и за целиот свет, сведок на Божјата љубов која го преобразува светот преку мали дела на милосрдие.

Покрај централната прослава во Скопската катедрала, денес во сите Католички цркви во Македонија се чествува празникот света Мајка Тереза, која е запишана во Литургискиот календар, како незадолжителен празник за целата Црква.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот