На празникот Вознесение на Пресвета Богородица во небо, 15 август 2020 година, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх во сослужение со монс. Антун Циримотиќ, о. Марјан Ристов и дон Паво Шекерија, служеше свечена света Литургија во катедралната црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Свеченоста се одвиваше под строго почитување на мерките за безбедност за спречување на ширењето на коронавирусот.
Во својата проповед бискупт Стојанов се осврна на понуденото Слово Божјо од Книгата Откровение на свети Иван Богослов, кое е богато со пораки и кое треба да ги оживееме и во нашата свест и во нашите животи.
Авторот на книгата Откровение ни дава видение за еден небесен знак, жена облечена во сонце со круна од дванаесет sвезди и месечина под нејзините нозе. Јасно е дека во ова небесно видение, Црквата ја препознава Исусовата Мајка, жена полна со благодат, благословена меѓу жените затоа што поверува во сè што Господ и рече. Сепак, авторот на книгата Откровение раскажува за една драматична сцена на конфликт помеѓу жена што раѓа и sвер што сака да го проголта детето. Смирено во оваа сцена можеме да ја видиме Марија и раѓањето на Исус Синот Божји, кој стана човек и по својата човечка природа како што знаеме од Светото Писмо исто така е искушуван од ѓаволот. Значи, во својата човечка природа, тој не беше поштеден од искушенијата што нас нѐ мачат, туку како личност – Богочовекот, тој е силен да ја отстрани секоја стапица на ѓаволот од себе.“
Затоа, можеме да ја видиме во оваа небесна сцена Црквата Христова како жена и Мајка облечена во сонце крунисана со sвезди, жена што раѓа. Светата Црква со знакот на таинствата, навистина на Бог му раѓа потомство на синовите Божји, особено во Светата Тајна Крштение, миропомазанието и Евхаристијата. Злобниот дух ѕвeрот за кој пишува книгата Откровение е очигледно ѓаволот. Секое крстено новороденче станува поле на борба помеѓу доброто и злото. Не треба да го докажуваме овој факт, особено во зрелоста, затоа што секој од нас длабоко чувствува колку е честа и силна борбата во рамките на нас самите меѓу доброто и злото. Колку пати се сопнуваме, па дури и паѓаме дури и без да сакаме или немаме намера. Едноставно се наоѓаме нурнати во зло.
Својата проповед епископот Стојанов ја заврши со следниве зборови: Браќа и сестри, од сето ова гледаме дека патот на Марија од првиот час до крајот не беше поштеден ниту од искушение ниту од страдања, туку дека Бог е оној што секое искушение го претвори во победа и секое страдање во љубов. Христос, свршеникот на Црквата, ја изврши волјата на Отецот на крстот, што е извонреден пат на страдање, но тоа е единствениот начин преку крстот да се влезе во славата на Воскресението. Ако Христос свршеникот отишол на тој начин, како можеме да се надеваме дека за нас како христијани има друг начин. Апостол Павле е одличен пример за нас на тој пат на Црквата како Христова свршеница, која, поминувајќи низ тој пат, оди во сигурна победа. Вториот ватикански собор учи дека Марија е вид на Црквата и дека таа е реализација на исполнетоста на она што ја чека Црквата.
Браќа и сестри, затоа, овој празник е возвишен знак на надежта дека нашиот живот има сигурен пат до конечната победа, затоа што таму каде што Христос е глава, таму ќе биде и телото и неговите делови. Нека нашата Мајка прославена на небото се застапува за нас да не се измориме на својот животен пат, туку полни со надеж од нејзината победа и прослава да црпиме сила за сведочењето и смислата на животот и тогаш кога можеме со Божја благодат да ги претвориме сите страдања во љубов. Тоа е и мудроста на христијаните дека не се исклучоци во борбата за живот во неволја, но се исклучоци во прифаќањето и начинот на кој тие ги надминуваат и ги претвораат искушението и страдањето во љубов.
Нека овој празник, жена облечена во сонце и победничка над змијата на злото, биде наша заштитничка, застапничка и помошничка – рече на крајот од својата проповед епископот Стојанов за време на прославата на празникот Вознесение на Пресвета Богородица во небо во скопската катедрала.
Ватикан њуз/к.мк
Фото: с. Катерина Стојанова