Седум начини за да имате добар пост
За добар пост треба да се концентрираме на добра подготовка, односно дисциплина. Во спротивно лесно ќе ја пропуштиме убавината на тоа време…
Постот е време на покора и аскетска борба. Непријателите со кои се бориме се похотта, светот и ѓаволот. Целта на постот е да го прочистиме срцето за на Велигден, нашиот најголем празник радосно да можеме да го славиме воскресението на нашиот Господ. На некој начин постот треба да биде микрокосмос на нашата целосна борба на земјата, токму како што Велигден е микрокосмос на нашиот небесен триумф во Христос. Сепак, за добар пост треба да се концентрираме на добра подготвка односно дисцилина. Во спротивно лесно ќе ја пропуштиме убавината на тоа време.
Лично често го започнувам постот со најдобри намери. Се замислувам себе како живеам како монах во пустина – постејќи и молејќи. Во суштина, првата недела успевам со помош на сопсвените сили, но тогаш кога си создавам убава слика за себе дека сум добар во постот и молитвата, сè се распаѓа и се среќавам лице во лице со сопствената слабост.
Сите сме биле во такви или слични ситуации, затоа сакам со вас да споделам седум практични начини за да имате добар пост.
1.Направете си план
Најбрзиот начин за да го упропастите постот е да имаш добри намери, но не и добар план. Бидете прецизни „повеќе ќе молам“ не е доволно добар план. Кога ќе донесете одлука секојдневно придружувајте се на својот план. Постот е време на молитва, пост и дела на љубовта. За сите тие три наведени начини изберете како во секој ќе се подобрувате. Запиште си го тоа на хартија и така секој ден или недела смислувајте нов начин.
Еден совет: нека планот биде остварлив. Често претерано сме амбициозни и се обврзуваме на премногу. Ако паднеме на тие високо поставени цели можеме лесно да се обесхрабриме и да се откажеме, а тоа значи победа за ѓаволот. Нека вашите одлуки бидат едноставни и практични, а вашиот пост со тоа многу ќе биде поуспешен.
2.Прочитајте добра книга
Светците постојано нè поттикнуваат дека треба да читаме добри и поттикнувачки книги, а навистина нема подобро време за почеток на ова мудра пракса од постот. Читањето на Светото Писмо и житијата на светците е одличен почеток.
3. Испитај се себе си
Постот е одлично време за длабока анализа на состојбата на нашите души. Кои ваши мани се доминантни? Дали имате некакви скриени идоли во својот живот? Што ви пречи при следењето на волјата Божја со целото срце? Направете темелен испит на совеста кој ќе ви помогне да го процените вашето духовно здравје.
Запамтете смислата на постот не е само во одрекувањето од колачи и други работи во кои уживаме, туку во покојанието, што значи откажување од гревот и враќање кај Бог, нашиот добар отец. Редовните испити на совеста длабоко нè воведуваат во нашата внатрешност и тоа може да биде болно, но, таа е здрава болка која ја обновува душата.
4. Признајте ги и исповедете ги своите гревови
Откако ќе ја испитате совеста, логичен следен чекор е да отидеш на исповед. Пред примањето на таа света Тајна сети се на петте услови за добра исповед: 1) Испит на совеста, 2) Искрено покајување за тоа што си го навредил Бог, 3) Цврста одлука да не грешиш повеќе, 4) Чиста исповед (не премолчувај никаков грев) и 5) Покора за гревовите кои си ги направил.
5. Молете
Да бидеме искрени, сите можеме повеќе да молиме, а постот е соодветно време за планирање и спроведување на секојдневните молитви кое може да влезе во нашето дневно правило во остатокот од годината. Во текот на овој литургиски период, меѓутоа, потребно е посебно да се концентрираме на молитвата на покајание за нашите гревови и обраќање на срцето. Еве неколку предлози:
– Покајничките псалми
– Жалосното таинство од Бројаницата
– Крстен пат
– Бројаницата на божественото милосрдие
– Молитвата на предавање пред крстот.
6. Постете
Исус постел во пустината. Постот е добро време да ги пренасочиме своите напори и да ја обновиме нашата посветеност. Посебно би требало да постиме од работи кои од нас често го одземаат скапоценото време.
Дали сте зависни од Инстаграм или Фајсбук? Постете од нив. Можеби никако не пропуштате некоја серија на телевизија? Откажете се од таа серија. Од друга страна можеби сакате да ги критизирате другите? Направете посебен напор брзо да се откажете од негативниот говор. Ви смета нешто друго? Отстранете го тоа од себе. Исус кажал: „И, ако окото твое те соблазнува, извади го!“ (Мк 9,47). Навистина, ако нè одделува од Божјото царство треба да го напуштиме.
7. Давајте милостиња
За време на постот посебно сме повикани подлабоко да ја почувствуваме жртвата на Господ наш Исус Христос на крстот. Тоа е најголемото дело на великодушност во историјата, бидејќи Исус не умрел само за своите пријатели, туку и за своите непријатели. „Но, Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни.“ (Рим 5,8)
Великодушноста Божја во Христос треба да нè поттикне да бидеме великодушни и милосрдни кон другите особено оние сиромашните и оние во потреба. Овој пост да се обидеме да најдеме начин и себе да се дадеме (на пример помагање на бездомниците). Сетете се на Исусовото ветување: „И кој напои еден од овие мали само со чаша студена вода како Мој ученик, вистина ви велам, нема да ја изгуби својата награда.“ (Мт 10,42)
Не можете ништо да изгубите
Го започнав овој пост зборувајќи за својот неуспех на почетокот на постот, а сепак, кога станува збор за дисциплината во постот неуспехот всушност и не е можен. Тоа значи дека падот во нашите одлуки (општо во духовниот живот) може да ни помогне да растеме во понизноста и познавање на сопственото духовно сиромаштво, а растот во него секогаш е духовен напредок.
За овој пост дадете го најдоброто од себе. Потрудете се да го искоренете гревот и да ја негувате светоста. Но, кога ќе паднете и згрешите ќе сфатите дека дури и оние кои можат да се сметат за праведни паѓаат седум пати дневно (Изр 24,16). Нека вашиот неуспех биде поука во понизноста која ве води назад во милоста Божја која тече од прободеното Срце Исусово. На крајот, тоа е вистинското срце на постот.
Сам Гузман/Битно.нет./к.мк/Д.И.