Светски ден на млади: Млади ходочасници од САД се подготвуваат за Лисабон

Светски ден на млади: Млади ходочасници од САД се подготвуваат за Лисабон

Соединетите Американски Држави се една од петте најголеми делегации што ќе учествуваат на настанот што ќе започне на 1 август под мотото „А Марија, како стана во тие дни, отиде набргу во ридскиот крај, во градот Јудин“ (Лука 1,39), потсетувајќи се на евангелскиот извештај од Лука за посетата на Марија кај нејзината роднина Елисавета. Папата Фрањо ќе им се придружи на младите ходочасници од 3 до 6 август за време на неговото Апостолско патување во Лисабон.

Повеќе од 28.600 млади луѓе во 1.300 американски групи ќе патуваат во Лисабон на 37. Светски ден на младите со папата Фрањо. Тие се една од петте најголеми делегации кои присуствуваат на настанот, а регистрациите сè уште растат, стои во соопштението на американските бискупи.

Бројот на ходочасници е двојно поголем од бројот на млади од САД кои присуствуваа на Светскиот ден на млади во Панама, 2019, додека претходниот Светски ден на младите во Краков – Полска, 2016 година забележа рекорден број од 40.000 учесници од САД.

Бискупот Роберт Барон, претседател на бискупскиот комитет за лаици, брак, семеен живот и млади, исто така патува во Лисабон заедно со 60 други американски бискупи. Тој во својата изјава истакна дека нивната земја е исклучително среќна поради ова ходочастие.

Средба со Исус

Според бискупот Барон, настанот е можност младите да доживеат важна средба со Исус Христос во друштво на сеопштата Црква.

Тоа е и моментот кога Светиот Отец и раководството на Црквата добиваат можност да ги слушнат присутните млади луѓе, да ги поучат и да им понудат формација за Евангелието и на крајот да ги испратат според нивниот повик и послание во светот, додаде бискупот Барон.

Ходочасниците од САД ќе престојуваат во парохии, кампуси, домови и хотели во Лисабон за време на неделата на Светскиот ден на младите, учествувајќи во молитви и литургии, дневни катехези, концерти, презентации, дијалог, служење и вмрежување со млади луѓе од целиот свет. Повеќе од 35 бискупи од САД ќе водат и дневни катехетски сесии под слоганот „Стани!“.

Американската бискупска конференција закажа Национален собир за сите американски ходочасниците, кој ќе се одржи на 2 август во Парк да Квинта дас Конхас во Лисабон.

Папата ќе им се придружи на ходочаснците на 3 август

Светскиот ден на млади во Лисабон ќе започне на 1 август, а Папата ќе им се придружи на ходочасниците на 3 август кога ќе присуствува на церемонијата за добредојде во центарот на градот. На 4 август ќе го предводи Крстниот пат и ќе исповеда неколку млади во Жардим Васко де Гама. Папата Фрањо на 5 август ќе го предводи молитвеното бдение и ќе моли Светата Бројаница со младите. Светиот Отец завршната света Литургија ќе ја служи на 6 август.

Ходочасници од целиот свет

Стотици илјади млади ходочасници од целиот свет се очекува да учествуваат на Светскиот ден на млади во Лисабон. Најголем дел од учесниците доаѓаат од Европа и Америка, меѓу кои 5.000 од Канада и 10.000 од Бразил. Ќе има и групи од Израел, Палестина и Јордан (400), Кина (50), па дури и Хаити (26).

Денови во бискупиите пред Светскиот ден на младите

Во пресрет на Светскиот ден на младите, од 26 до 31 јули, повеќе од 67.600 ходочасници од 126 земји ќе бидат пречекани во 17 португалски бискупии, на копното и островите, за да ги искусат деновите поминати во бискупиите. Според Организациониот одбор, младите ќе бидат поделени во повеќе од 950 групи, а ќе престојуваат во домови, парохии, училишта и јавни установи.

Младите ходочасници ќе ја запознаат локалната црква, народ и регион, а секоја бискупија ќе понуди програма составена од пет столба: добредојде, откривање, послание, култура и испраќање.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот