Светиот Престол официјално ја одобри беатификацијата на чесниот Божји слуга надбискуп Фултон Џ. Шин
Светиот Престол официјално го извести бискупот Луис Тилка од бискупијата Пеорија, Илиноис, дека procesot на чесниот Божји слуга надбискуп Фултон Џ. Шин може да продолжи кон беатификација, соопшти бискупијата.
„Следниот чекор во процесот е славењето на беатификацијата, со која Фултон Шин ќе биде прогласен за Блажен“, изјави бискупот Тилка. „Надбискупот Фултон Шин беше еден од најголемите гласови на евангелизацијата во Црквата и во светот во 20 век. Долго време се восхитувам на неговата доживотна посветеност на служењето на Црквата како свештеник, вкоренета во неговата длабока побожност кон Пресветата Богородица и Евхаристијата.“
„Низ различните етапи од својот живот, неговата способност да го споделува Евангелието и вистински да се поврзе со луѓето привлече безброј души кон средба со Исус – средба што не го преобрази само неговиот живот, туку многу повеќе животите на оние што ги допре.“
„Во подоцнежните години, особено преку својата работа за Мисиите, надбискупот Шин ни помогна да разбереме дека Црквата е наменета за сите луѓе. Тој нѐ потсети дека, како членови на Црквата, сме повикани да им служиме на сите, особено на оние што се најмногу во потреба и на оние што копнеат да го слушнат и доживеат Евангелието, каде и да се наоѓаат во светот“, додаде тој.
Бискупот Тилка се заблагодари на Светиот Престол, на браќата бискупи, на свештенството и на мирјаните за соработката и молитвите што доведоа до беатификацијата на Шин, која ќе биде „посебен благослов за Црквата во Соединетите Американски Држави, каде што тој беше моќен евангелизатор преку радио, телевизија и лични настапи“.
Бискупијата Пеорија соработува со Дикастеријата за прогласување на светците во Ватикан за да се утврдат деталите околу претстојната беатификација.
Фултон Шин
Питер Џон Шин е роден во Ел Пасо, Илиноис, на 8 мај 1895 година, а го носел името „Фултон“ во чест на моминското презиме на неговата мајка. Шин беше ракоположен за свештеник на бискупијата Пеорија на 20 септември 1919 година. На 11 јуни 1951 година беше хиротонисан за помошен бискуп на надбискупијата Њујорк и остана на таа служба до 1966 година. Потоа беше именуван за бискуп на Рочестер, Њујорк, каде служеше до своето пензионирање во 1969 година, на 74-годишна возраст.
Бискупот Тилка претходно го нарече Шин „пионер“, поради неговата телевизиска емисија наградена со „Еми“, „Life Is Worth Living“ („Вреди да се живее“), која се емитуваше од 1952 до 1957 година и обработуваше теми од моралот и католичката вера.
„Тој допре до милиони луѓе преку таа емисија“, рече Тилка. „Беше далеку пред своето време, во реалност која денес ја земаме здраво за готово.“
Шин почина на 9 декември 1979 година, на празникот на свети Хуан Диего.
Патот кон беатификацијата
Иако Шин треба да биде беатифициран, процесот што водеше до оваа пресвртница беше обележан со бројни предизвици и одложувања.
Процеост за неговата канонизација првпат беше отворена во 2002 година под водство на бискупијата Пеорија, по што тој беше нарекуван Божји слуга. Папата Бенедикт XVI го прогласи за чесен (venerable) во јуни 2012 година.
На 6 март 2014 година, медицинскиот одбор што ја советуваше тогашната Конгрегација за процеси на светците едногласно одобри пријавено чудо препишано на неговото застапништво. Родителите на мртвородено бебе, Џејмс Фултон, се молеа преку застапништвото на Шин и нивниот син чудесно оживеа.
На 17 јуни 2014 година, седумчлената теолошка комисија што ја советува Конгрегацијата едногласно се согласи со заклучокот на медицинскиот тим.
Во септември 2014 година, процеост беше суспендиран поради спор околу сопственоста на неговите посмртни останки. Суспензијата беше објавена „со тага“ во соопштение на тогашниот бискуп на Пеорија, Даниел Р. Џенки, претседател на Фондацијата „Надбискуп Фултон Џ. Шин“.
Во објаснувањето беше наведено дека Светиот Престол „очекувал посмртните останки на чесниот Шин да бидат пренесени во Пеорија, каде што ќе се изврши официјален преглед и ќе се земат мошти од прв степен“, но Надбискупијата Њујорк го одбила барањето телото да биде пренесено.
На крајот, во март 2019 година, Апелациониот суд на Њујорк едногласно одлучи дека земните останки на Шин можат да бидат пренесени во катедралата „Света Марија“ во Пеорија. Следниот јуни, по три години судски постапки, неговото тело беше пренесено таму, со што се расчисти патот за продолжување на процесот.
Папата Фрањо го одобри чудото припишано на застапништвото на Шин на 5 јули 2019 година. Беатификацијата беше закажана за 21 декември 2019 година, но повторно беше одложена.
Наводно, бискупот Салваторе Матано од Рочестер побарал одложување поради загриженост дека Шин може да биде спомнат во конечниот извештај од истрагата за злоупотреби од страна на свештенството во Њујорк.
Подоцна, ситуацијата беше разјаснета и беше соопштено дека одложувањето не е поврзано со обвинението од 2007 година дека Шин наводно бил сведок и прикривал случај на сексуална злоупотреба. Бискупијата Пеорија издаде соопштение во кое се вели дека „дефинитивно е докажано дека тој бил примерен модел на христијанско однесување и пример за црковно водство. Во ниту еден момент неговиот добродетелен живот на не бил доведен под сомнение“.
Бискупијата соопшти дека беатификацијата ќе биде одложена за да се даде повеќе време за проучување на животот на Шин, нарекувајќи го одложувањето „несреќно“, бидејќи „и понатаму се пријавуваат многу чуда преку неговото застапништво“.
И покрај одложувањата, поддржувачите на процесот продолжија да работат за нејзино унапредување. Во мај 2025 година, бискупот Тилка повторно ја изрази својата намера пред папата Лав XIV да продолжи процесот за беатификација.
ЕВТН/к.мк

