Светиот Престол и Италија потпишаа договор за електрана на обновлива енергија

Светиот Престол и Италија потпишаа договор за електрана на обновлива енергија

Светиот Престол и Италијанската Република потпишаа договор за изградба на агроволтаична електрана во областа Санта Марија ди Галерија, на имот што припаѓа на Светиот Престол, во непосредна близина на Рим, со цел државата Ватикан да се снабдува со електрична енергија од обновливи извори.

Поттикнати од заедничката посветеност на еколошката одговорност и одржливиот развој, Светиот Престол и Република Италија во четврток, на 31 јули 2025 година, потпишаа договор во просториите на Амбасадата на Италија при Светиот Престол. Во име на Светиот Престол договорот го потпиша надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите и меѓународните организации, а во име на Италијанската Република амбасадорот Франческо Ди Нито.

Договорот, составен од пет члена, ќе стапи во сила по размената на дипломатски ноти со кои двете страни ќе потврдат дека ги завршиле внатрешните постапки.

Оваа иницијатива се смета за конкретен израз на силните билатерални односи меѓу Светиот Престол и Италија. Таа е во согласност со Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени и Парискиот договор, и со повикот на папата Фрањо за „интегрална екологија“ и грижа за заедничкиот дом, изразен во енцикликата Laudato si’.

Агроволтаичната електрана

Планираната агроволтаична електрана ќе биде поставена на имотот на Светиот Престол во Санта Марија ди Галерија и ќе обезбедува електрична енергија од обновливи извори за државата Ватикан, притоа овозможувајќи продолжување на земјоделската употреба на земјиштето.

Проектот е осмислен со особена грижа за природниот пејзаж, со цел минимизирање на влијанието врз животната средина, заштита на културното и археолошкото наследство и зачувување на хидрогеолошката рамнотежа на областа.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести

За авторот