Во заедничкото соопштение во четврток, 27 јули 2023 година, Светиот Престол и Виетнам објавија дека е постигнат конечен договор Светиот Престол да има резидентен Папски претставник во главниот град Ханој.
Соопштението е објавено по посетата на виетнамскиот претседател Во Ван Туонг, кој беше примен од папата Фрањо во приватна аудиенција во Апостолската палата во Ватикан истиот ден, 27 јули.
Во соопштението, исто така, се наведува дека посетата на претседателот на Виетнам се одржа „на основа на 10. седница на Заедничката работна група меѓу Виетнам и Светиот Престол од 31 март 2023 година во Ватикан, и со желба да се продолжи со унапредување на билатералните односи“.
Во соопштението понатаму се наведува дека „двете страни официјално објавуваат дека Владата на Социјалистичка Република Виетнам и Светиот Престол склучија „Договор за статусот на разидентниот Папски претставник и канцеларијата на резидентниот Папски претставник во Виетнам“.
Разговор со Папата и средба со државниот секретар на Светиот Престол
За време на средбата меѓу претседателот Во Ван Туонг и папата Фрањо, а потоа и со државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин, двете страни ја изразија својата висока благодарност за значителниот напредок во односите меѓу Виетнам и Светиот Престол, како и за позитивниот придонес на Католичка заедница во Виетнам.
Изразено е уверување „дека резидентниот Папски претставник ќе ја исполни улогата и мандатот што се доделува со Договорот и ќе обезбеди поддршка за виетнамската католичка заедница“, која „вдахновена од Науката на Црквата“ ќе го исполни својот повик да биде „придружник на нацијата“ и ќе придонесе за развојот на земјата.
Претставникот, стои на крајот од соопштението, „ќе биде мост за подобрување на односите меѓу Виетнам и Светиот Престол“.
Ватикан њуз/к.мк