Еден ден наоѓајќи се во црквата „Света Марија од Ангелите“, за време на светата Миса ги слушнал овиеевангелски зборови: „Не носете во појасите ваши ни злато, ни србро, ниту бакар, ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата работа“ (Мт 10, 9-10)… откако ги слушнал овие зборови, бил толку многу погоден од љубовта кон сиромаштвото така што извикал: „Тоа е она што го барам, тоа е она што го сакам со целото мое срце!“
Огнената и слатка сила на твојата љубов, те молам Господи, нека го обземе мојот ум и моето срце и нека го оддели од сѐ, сѐ што е под небото, да умрам од љубов љубејќи те тебе, Кој си се удостоил да умреш од љубов љубејќи ме мене.
Иако оваа молитва свети Фрањо не ја напишал, сепак тој ја познавал и ја молел. Во неа е изразена неговата вера во Божјата љубов, неговата љубов кон Божјата љубов. Неговиот живот бил постојан стремеж кон таа љубов, непрекината желба за да одговори на љубовта со љубов.
Свети Фрањо Асишки се родил на почетокот од 1182 година во Асизи како син на трговецот Пиетро од Бернаридоне и Ивана. Во отсуство на неговиот татко, неговата мајка го крстила ставајќи му го името Иван. На оаа име подоцна неговиот татко го додал името Фрањо, со кое овој светец влегол во човечката историја. Како дете и возрасно момче се занимавал со продавање на здолништа, што воедно тоа била и работата на неговиот татко. Тој ги сакал свеченостите и раскошот, но во исто време тој бил чувствителен и милостив кон сиромашните, на кои им делел материјални средства. Занесен од авантурата и славата, учествувал активно и во вооружените битки помеѓу Асизи и Перуџа, помеѓу народот и феудалците. Фрањо кога се вратил од заробеништво од Перуџа и се опоравил од болеста, се обидел да тргне кон славата на други начини и тоа онаа слава која доаѓа преку оружјето, преку херојството во вооружените витешки борби. Затоа се упатил кон покраината Пуља, но се задржал во Сполето. Причина за тоа бил таинсвениот глас во сонот, кој го повикал дека подобро е да го следи господарот отколку слугата. Тоа го довело до размислување и до промена. Се посветил на молитвата и медитацијата.
Фрањо се вратил назад во Асизи, каде што се разделил од веселото друштво и започнал живот на ревносно размислување и побожност, а се посветил и на делата на љубов кон сиромашните и лепрозните. Во овој период тргнал на поклоничко патување во Рим, во базиликата Свети Петар, на гробот на апостолскиот првенец. Есента, 1205 година, во родното Асизи во малата црквичка „Свети Дамјан“ трипати го слушнал повикот на Распнатиот: „Фрањо, оди и поправи ми ја Црквата бидејќи, како што гледаш, целата е во урнатини!“ Ја возобновил црквата Свети Дамјан и таму повлечен го поминувал времето во размислувања, во молитва. Во срцето потполно преобратен и целосно определен за Христа, Фрањо јавно пред побожниот асишки бискуп Гвидо II се откажал од сите материјални добра и правото на татковското наследство. На овој начин, како покајник и на Бога посветено лице сосема се потчинил на црковната власт. Тогаш изјавил: „Слушнете ме и разберете ме добро! До овој момент за свој татко го нарекував Пиетро Бернаридоне, од сега со поголема сигурност можам да кажам: Оче наш, кој си на небесата, во тебе ги ставам своето богатство и надеж и ветувањето на својата надеж.“
Еден ден наоѓајќи се во црквата „Света Марија од Ангелите“, за време на светата Миса ги слушнал овие евангелски зборови: „Не носете во појасите ваши ни злато, ни србро, ниту бакар, ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслижува својата работа“ (Мт 10, 9-10)… откако ги слушнал овие зборови, бил толку многу погоден од љубовта кон сиромаштвото така што извикнал: „Тоа е она што го барам, тоа е она што го сакам со целото мое срце!“ Подоцна свештеникот му ја протолкувал целата смисла на овие зборови, а и оние кои следуваат после нив во Евангелието според свети. Матеј. Од нив произлегува апсолутното сиромаштво, понизното потчинување и доверување во Бога, одење и проповедање на Радосната вест на Божјиот народ,
Поучен на тој начин и опфатен од Божјите зборови Фрањо својата пустинска облека ја заменил со „миноритската“ – помали браќа, како што покасно и ќе го нарече својот монашки ред и неговите следбеници. Ги оставил каишот, сандалите и стапот, а својата груба туника ја препашал со бело јаже. На главата ставил капа, која во тоа време ја носеле селаните од Умбрија. И тогаш во неговата парохиска црква Свети Георги во Асизи со голема духовна ревност ја одржал неговата прва покорничка и морална проповед: „со едноставен збор, но со великодушно срце, поттикнувајќи ги и изградувајќи ги своите слушатели“. За своја свршеница ја избрал сестрата Сиромаштија.
Негов идеал бил да живее буквално според Евангелието: „Во едноставност, со вистинското сиромаштво и слобода на духот. На почетокот му се придружиле 12 пријатели кои се нарекле „помали браќа“. За својата млада заедница Фрањо напишал правила кои папата Иноцент III усмено ги одобрил. Тие добиле и овластување да проповедаат. Заедницата набргу се зголемила. Така настанала нова монашка заедница во Црквата – фрањевци. Неговото влијание било многу големо, а фрањевскиот ред се проширил низ целиот свет.
Фрањо, на 3 октомври 1226 година, починал во црквата Света Марија од Ангелите, на местото каде што јасно го спознал неговиот животен повик.
Папата Григориј IX, две години по смртта на Фрањо го прогласил за светец. Истиот папа наредил, покрај Асизи, во негова чест на работ од овој град да се изгради величевствена базилика. Во неа, во 1230 година, било пренесено телото на светецот.
Во иконографијата свети Фрањо е прикажан во фрањевска монашка облека, со Христовите рани на рацете, честопати опкружен со животни, најмногу со птици. Светиот папа Иван Павле II во 1979 година го прогласи свети Фрањо за заштитник на еколозите.
Лаудато/З.А.