Свети Евангелист Лука

Свети Евангелист Лука

Денес го славиме Светиот Евангелист Лука, автор на третото Евангелие и Делата Апостолски, заштитник на уметниците, хирурзите, лекарите, нотарите, сликарите и скулпторите. Тој бил верен пријател на свети Павле, лекар и хроничар кој ни оставил многубројни детали од животот на апостолите и првата црковна заедница.

Иако тој не бил очевидец на настаните што ги опишува во Евангелието, бил достоен и верен службеник на евангелската порака. Затоа Црквата со благодарност го слави како евангелист, еден од четворицата, кои по Божја инспирација ни ја напишаа најдрагоцената порака.

За животот на свети Лука речиси ништо не се знае, и сите податоци доаѓаат од подоцнежните преданија. По  потекло Сириец, по професија лекар, свети Лука го прилагодил својот израз со цел Радосната вест да биде поразбирлива за сите христијани од паганско потекло, што и тој самиот бил. Иако не бил ученик за времето додека Исус бил овде на земјата, свети Лука со своите списанија ни пренел драгоцена порака.

Свети Лука е роден во Антиохија (Сирија). Потекнувал од паганска, а не од еврејска средина. Тоа го сведочат свети Иринеј, Тертулијан, Ориген, а индиректно и самиот свети Павле. Според Канонот на Муратиј свети Лука не го видел ниту го следел Исуса за неговиот живот на земјата.

Посланијата на свети Павле и делата Апостолски покажуваат дека тој бил придружник и ученик на свети Павле.

Со свети Павле за прв пат го среќаваме за време на второто мисионерско патување на од Троада до Филипи. Постои можност во Филипи да останал до 57 година, зацврстувајќи го таму мисионерското дело на апостолот. Пролетта во 58 година повторно го наоѓаме во истиот град со свети Павле, кој е со придружба при неговото враќање во Ерусалим. Таму веднаш воспоставил контакт со апостолот Јаков. Таму исто така имал можност да се сретне барем со некои од оние жени кои единствено тој од евангелистите ги спомнува во своето Евангелие. Тој исто така можел да се сретне и со оние „служители на Словото“ кои се еден од изворите за неговиот Евангелски спис.

Тој сам во предговорот на своето Евангелие пишува вака:

Бидејќи мнозина почнаа да пишуваат за настаните, што се случија меѓу нас, како што ни ги предадоа оние, кои уште од почетокот беа очевидци и служители на словото, намислив и јас, откако испитав сѐ од почетокот, да ти опишам сѐ по ред, честити Теофиле, за да ја разбереш основата на учењето, на кое си се учел.“ (Лк 1, 1-4).

Свети Лука го следел свети Павле на неговото патување во Рим и со тоа во Делата Апостолски ни оставил скапоцен дневник за патувањето. Со апостолот на народите заедно бил и кога за прв пат е во римскиот затвор, а исто така и за вториот пат, кога сите останати го оставиле. Апостолот со тага пишува до Тимотеја: „Единствено Лука е со мене“ (2 Тим 4,11).

Свети Лука во Рим, најверојатно, се сретнал и со свети Патар и свети Марко, но врз него сепак најголемо влијание имал свети Павле. Ништо со сигурност не знаеме за животот на свети Лука после смртта на свети Павле. Свети Епифаниј го нарече апостол на Далмација, Италија и Македонија, свети Григориј Назијански го нарече евангелизатор на Ахаја, Метафраста, Египет и Теваида, но сето тоа историски е несигурно.

Едно латинско предание додава дека тој живеел во целибат и од едно друго предание спомнува дека свети Лука починал на 84 години во Теба во Грција. Но според свети Исидор и света Беда починал на својата 74 годишна возраст. Исто така несигурно е и местото на смртта на свети Лука, како и начинот на неговата смрт. Едни веруваат дека починал со природна смрт, додека други мислат дека погинал како маченик. Црквата во богослужбите го слави како маченик и за неговиот празник употребува црвени литургиски одежди.

Се верува дека свети Лука ги нацртал првате икони. Најпозната од тие икони секако е Цариградската Богородица која помеѓу 8 и 9 век  била пренесена во Падова, и се чува во базиликата „Света Јустина“.

Лаудато/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот